Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Самоилова 11:1-27

2 Самоилова 11:1-27 MK2006

По една година, во времето кога царевите излегуваа во војна, Да­вид го испрати Јоав и слугите свои со него и сите Израелци; и тие ги нападнаа Амонците и ја опколија Рава; а Давид остана во Ерусалим. Еднаш приквечер, откако стана од своето легло, Давид се шеташе по пок­ривот на својот царски дом свој и од покривот виде една жена, која се капеше; а жената беше многу убава. Давид испрати да дознаат, која е таа жена? Му рекоа: „Тоа е Витсавеја, Елијамова ќерка, жена на Хитиецот Урија.“ Давид испрати слуги да ја земат; и таа дојде кај него, и тој спиеше со неа. А кога таа се исчисти од својата нечистотија, се врати во домот свој. Жената остана бремена и испрати гласници да му јават на Давид и да кажат: „Бремена сум.“ Тогаш Давид испрати гласници да му кажат на Јоав: „Испрати го кај мене Хитиецот Урија!“ И Јоав го испрати Урија кај Давид. Урија дојде кај него, и Давид го распраша за положбата на Јоав, за положбата на народот и за текот на војната. Давид му рече на Урија: „Оди во домот свој и измиј си ги нозете.“ Урија излезе од царскиот дом, и по него однесоа и царско јадење. Но Урија преспа пред вратата на царскиот дом заедно со сите слуги на господарот свој и не отиде во својот дом. Му соопштија на Давид и рекоа: „Урија не отиде во домот свој.“ Давид му рече на Урија: „Еве, си дошол од пат; зошто не си отишол во домот свој?“ Урија му одговори на Давид: „Ковчегот Божји, Израел и Јуда се под шаторите, а господарот мој Јоав и слугите на господарот мој престојуваат во полето, а јас да влезам во куќата своја да јадам, да пијам и да лежам со жената своја! Се колнам во животот на твојата душа, тоа нема да го направам.“ Тогаш Давид му рече на Урија: „Остани тука и денес, а утре ќе те отпуштам.“ И Урија остана тој ден во Ерусалим до изутрината. И Давид го покани, и Урија јадеше пред него и пиеше, и Давид го опи. Но вечерта Урија отиде да спие на леглото свое со слугите на својот господар, а во домот свој не отиде. Изутрината Давид напиша писмо до Јоав и го испрати по Урија. Во писмото напиша вака: „Поста­вете го Урија таму, каде што ќе има најсилна војска, и отстапете од него, за да биде погоден.“ Затоа, кога Јоав го опседнуваше градот, го постави Урија на такво мес­то, за кое знаеше дека таму има храбри мажи. Излегоа од градот мажи, се суд­рија со Јоав, и неколкумина од народот, од Давидовите слуги, паднаа: убиен беше исто така и Хитиецот Урија. Тогаш Јоав испрати гласници да му кажат на Давид за целиот тек на борбата. Тој им заповеда на гласниците, велејќи: „Кога ќе му раскажете на царот за целиот тек на битката и ако видите дека царот се разгневува и ве прашува: ‚Зошто сте отиш­ле да се биете толку блиску до градот? Не знаете ли дека врз вас ќе фрлаат стрели од ѕидот? Кој го уби Авимелех, синот на Јерубешет? Нели фрли жена врз него од ѕидот парче од воденички камен, го погоди и тој умре во Тевец? А вие, зошто се приближивте до ѕидот?‘ – тогаш ти кажи: ‚И твојот слуга Хи­тиецот Урија исто така е погоден и умре.‘“ Отиде гласникот, му раскажа на Давид сѐ за што го беше испратил Јоав. Тогаш гласникот му рече на Давид: „Тие луѓе нѐ надвиваа и излегоа против нас во полето, и ние ги гоневме, до влезот на портите; во тоа време стрелците стрелаа од ѕидот врз слугите твои, и загинаа некои од царските слуги; умре и твојот слуга Хитиецот Урија.“ Тогаш Давид му рече на гласникот: „Кажи му на Јоав вака: ‚Да не те буни таа работа, зашто ножот истребува некогаш еден, некогаш друг; засили ја борбата против градот и сруши го‘. Така ќе го охрабриш!“ Уриевата жена чу дека нејзиниот маж умре, па плачеше по мажот свој. Кога измина времето за жалење, Давид испрати луѓе и ја зеде во домот свој, и таа му стана жена и му роди син. Но делото што го изврши Давид, беше зло пред очите на Господ.