Еве, возљубени, како веќе ви го пишувам второто послание во кое со напомнување ви го разбудувам вашиот чист разум за да се потсетите на зборовите, порано кажани од светите пророци, и на заповедта од Господ и Спасителот, дадени преку вашите апостоли. Најнапред знајте го тоа дека во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе се подбиваат и ќе живеат според своите похоти. Ќе велат: „Каде е ветувањето на Неговото доаѓање? Зашто, откако татковците наши изумреа, сѐ си стои така како од создавањето на светот.“ Тие намерно забораваат дека небесата и земјата од порано беа создадени од вода и преку вода со силата на Божјото слово, преку кое, тогашниот свет загина, потопен од вода. А сегашните небеса и земјата, пазени од истото слово, се чуваат за оган во денот на судот и погибелта на нечестивите луѓе. Но внимавајте, возљубени, да не го изумите само тоа дека за Господ еден ден е како илјада години, а илјада години – како еден ден. Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да загине некој, туку сите да се покаат. И ќе дојде денот Господов, како крадец во ноќно време; тогаш небесата со голема бучава ќе ги снема, и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата, и сѐ што е на неа, ќе изгори. И така, бидејќи сето тоа ќе се разруши, каков треба да ви биде вашиот свет живот и побожноста ваша, додека го очекувате и посакувате скорото доаѓање на Божјиот ден, во кој небесата ќе се разрушат и основите во оган ќе се стопат? Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се всели правда.
Затоа, возљубени, додека го очекувате тоа, погрижете се пред Него да излезете спокојни, неосквернети и непорочни; и долготрпеливоста на вашиот Господ сметајте ја како спасение – како што ви напиша и возљубениот наш брат Павле, според дадената му мудрост; како што зборува за тоа и во сите свои посланија, во кои има некои работи тешки за разбирање, што неучените и неутврдените ги изопачуваат, како и другите Писма, за своја погибел. А вие, возљубени, знаејќи го ова однапред, пазете се од измамата на беззакониците за да не бидете одведени со нив, и да не отпаднете од својата утврденост, туку да напредувате во благодатта и во познанието на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Нему слава и сега и за вечни времиња. Амин!