Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Царевите 6:24-33

2 Царевите 6:24-33 MK2006

Потоа арамејскиот цар Венадад ја собра целата своја војска, тргна и ја опседна Самарија. И настапи голем глад во Сама­рија, кога ја опседнуваа, така што една магарешка глава се продаваше за осумдесет шекели сребро, и четврт каб гулабова кал – за пет шекели сребро. Еднаш израелскиот цар одеше по ѕидот, и една жена му зборуваше со плачење: „Помогни ми, господаре мој, царе.“ Тој одговори: „Ако Господ не ти помогне, од каде ќе ти помогнам јас? Од гумното ли, од точилото ли?“ Ја праша уште царот: „Што ти е?“ А таа одговори: „Оваа жена ми рече: ‚дај го твојот син да го изедеме денес, а мојот син ќе го изедеме утре.‘ И го сваривме мојот син и го изедовме. На другиот ден јас ѝ реков: ‚дај го и ти синот свој, да го изедеме.‘ Но таа го сокри синот свој.“ Царот, откако ги слушна зборовите на жената, ја раскина облеката своја; и, одејќи по ѕидот, народот виде дека тој носи на своето голо тело вреќиште. И царот рече: „Да ми испрати Бог најтешка казна и уште повеќе нека додаде, ако остане денес главата на Елисеј, Шафатовиот син, на него.“ А Елисеј седеше во домот свој, и старците седеа кај него. И испрати ца­рот еден од своите слуги. Пред да дојде гласникот кај него, Елисеј им рече на старците: „Гледате ли дека тој, син на убиец, испрати да ми ја земат главата? Гледајте, кога ќе дојде гласникот, затво­рете ја вратата и притиснете го со вра­тата. А ете го и топотот на нозете на господарот негов по него!“ Додека уште говореше со нив, ете гласникот пристигна кај него, и му рече на Елисеј: „Ете какво зло од Господ! Што да чекаме во иднина од Господ?“