Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Царевите 6:1-23

2 Царевите 6:1-23 MK2006

Тогаш пророчките синови му кажаа на Елисеј: „Ете, просторот каде живееме кај тебе, е тесен за нас; да одиме до Јордан, да земеме оттаму секој по една греда и да си напра­виме таму живеалиште.“ Тој им рече: „Одете!“ А еден од нив рече: „Направи ни милост, дојди и ти со слугите твои.“ Тој одговори: „Ќе дојдам.“ И тргна со нив, дојдоа до Јордан и почнаа да сечат дрвја. И додека еден соборуваше греда, секирата му падна во водата. Тој извика и рече: „Ах, господаре! А таа беше земена на заем!“ Божјиот човек запраша: „Каде пад­на таа?“ Тој му го покажа местото. Тогаш Елисеј исече парче дрво, па го фрли таму, и секирата исплива. Тогаш му рече: „Земи си ја.“ Тој ја пружи раката и ја зеде. Кога арамејскиот цар тргна во војна против Израелците, се посоветува со своите офицери, велејќи: „Во тоа и тоа место ќе го поставиме својот логор.“ Но, Божјиот човек испрати да му кажат на израелскиот цар: „Внимавај да не минуваш преку она место, зашто таму Арамејците се кријат во заседа.“ И израелскиот цар испрати луѓе до тоа место, за кое му зборуваше и го опоменуваше Божјиот човек. Така се заштити оттаму повеќе пати. И му се вознемири срцето на ара­меј­скиот цар поради тоа, и тој ги повика своите офицери и им рече: „Кажете ми, кој од нашите одржува врска со израелскиот цар?“ И рече еден од слугите негови: „Никој, господаре мој, царе; туку пророкот Елисеј, кој е во Израел, му ги соопштува на израелскиот цар и оние зборови што ти ги говориш во својата спална соба.“ Тогаш тој рече: „Одете, дознајте, каде е тој, и јас ќе испратам да го фа­тат.“ И му соопштија и рекоа: „Ете, тој е во Дотан.“ И испрати таму коњи и коли и многу војска. Дојдоа ноќе и го опко­лија градот. Кога изутрината прислужникот на Божјиот човек стана и излезе, војската со коњи и коли беше околу градот. При­служникот му рече: „Тешко, господаре! Што да правиме?“ Тој одговори: „Не плаши се, зашто оние што се со нас, се повеќе од оние што се со нив.“ Елисеј се помоли и рече: „Госпо­ди, отвори му ги очите да види.“ И Господ му ги отвори очите на прислужникот, и тој ја виде целата гора полна со коњи и огнени коли околу Елисеј. Кога Арамејците отидоа кај него, Елисеј Му се помоли на Господ и рече: „Погоди ги со слепило.“ И Господ ги погоди со слепило, според зборот на Елисеј. Елисеј тогаш им рече: „Не е тоа патот, не е тоа градот, одете по мене, јас ќе ве одведам кај оној што го ба­рате.“ И ги одведе во Самарија. Кога дојдоа во Самарија, Елисеј ре­че: „Господи, отвори им ги очите да видат.“ И Господ им ги отвори очите, и видоа дека се среде Самарија. Израелскиот цар, кога ги виде, го праша Елисеј: „Да ги убијам ли, татко мој?“ Но тој одговори: „Не убивај ги. Зарем со сабјата своја и со лакот свој ги зароби, та да ги убиваш? Дај им леб и вода; нека јадат и пијат, и нека си одат кај господарот свој.“ Тој им приготви голема гозба, и тие јадеа и пиеја. Потоа ги пушти, и тие си отидоа кај господарот свој. Оттогаш тие арамејски ограбувачки групи не одеа веќе во израелската земја.