Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Царевите 2:1-12

2 Царевите 2:1-12 MK2006

Во она време, кога Господ сакаше да го вознесе Илија на небото во виор, Илија со Елисеј доаѓаше од Гилгал. И му рече Илија на Елисеј: „Оста­ни тука, зашто Господ ме испраќа во Ветил.“ Но Елисеј рече: „Се колнам во живиот Господ и во животот на твојата душа! Нема да те оставам.“ И отидоа во Ветил. И излегоа кај Елисеј синовите пророчки што беа во Ветил, и му рекоа: „Знаеш ли дека денес Господ ќе го вознесе твојот господар над гла­вата твоја!“ Тој одговори: „И јас знам, молчете.“ И му рече Илија: „Елисеј, остани тука, зашто Господ ме испраќа во Ерихон.“ А тој рече: „Се колнам во жи­виот Господ и во твојата жива душа! Нема да те оставам.“ И дојдоа во Ерихон. Тогаш се приближија синовите про­рочки што беа во Ерихон, и му рекоа: „Знаеш ли дека денес Господ го зема твојот господар и ќе го вознесе над главата твоја?“ Тој одговори: „И јас знам, молчете.“ Пак му рече Илија на Елисеј: „Остани тука, зашто Господ ме испраќа накај Јордан.“ А тој рече: „Се колнам во живиот Господ и во твојата жива душа! Нема да те оставам.“ И тргнаа обајцата. Педесет души од синовите пророч­ки тргнаа и застанаа подалеку спроти нив, додека тие двајца стоеја покрај брегот на Јордан. Тогаш го зеде Илија својот кожув, го свитка и удри со него по водата, и таа се раздели на две страни, па така и двај­цата минаа по суво. Кога минаа, Илија му рече на Ели­сеј: „Барај, што сакаш да ти направам, пред да бидам вознесен пред тебе.“ Елисеј одговори: „Духот, кој е во тебе, да биде двојно во мене.“ А тој рече: „Бараш нешто многу тешко; ако видиш, како ќе бидам вознесен пред тебе, така ќе ти биде; ако, пак, не видиш, нема да ти биде.“ Додека тие одеа и си разговараа по патот, наеднаш се појави огнена кола и огнени коњи, и ги раздвоија еден од друг, и Илија се вознесе во виорот кон небото. А Елисеј гледаше и извика: „Татко мој, татко мој, коло Израелова и негова коњица!“ И веќе не го виде. Па ја фати облеката своја, и ја раскина на две парчиња.