Во дваесет и третата година од владеењето на Јоас, синот на јудејскиот цар Охозија, стана цар над Израел во Самарија, Јехуевиот син Јоахаз, и царуваше седумнаесет години. Тој го правеше она што беше немило пред очите на Господ и одеше во гревовите на Наватовиот син Јеровоам, кој го беше навел во грев Израел, и не отстапуваше од нив. И се разгори гневот на Господ против Израел, и Тој го предаде во раката на арамејскиот цар Азаил и во раката на Азаиловиот син Венадад, за сето она време. Јоахаз се помоли пред лицето на Господ, и Господ го слушна, зашто ја виде неволјата на Израелците, како ги притеснуваше арамејскиот цар. И Господ им даде на Израелците спасител, и тие се оттргнаа од раката на Арамејците, и живееја синовите Израелови во шаторите свои, како порано. Меѓутоа не отстапуваа од гревовите на домот на Јеровоам, кој го беше навел во грев Израел; сѐ уште одеа по нив, а и столбот на Ашера стоеше во Самарија. На Јоахаз му остана војска само педесет коњаници, десет коли и десет илјади пешаци, зашто царот на Арам ги беше уништил и ги згази како прав што се тапка. Другото за Јоахаз и за сѐ што тој го извршил, и за неговите јуначки подвизи, е опишано во летописите на израелските цареви. И почина Јоахаз кај своите предци, и го погребаа во Самарија. На негово место се зацари неговиот син Јоас.
Јоахазовиот син Јоас стана цар над Израел во Самарија во триесет и седмата година од владеењето на јудејскиот цар Јоас; царуваше шеснаесет години. И тој го правеше она што не беше добро пред очите на Господ; не отстапуваше во ниеден од гревовите на Наватовиот син Јеровоам, кој го беше навел на грев Израел, туку одеше по нив. Другото за Јоас и за сѐ она што тој го изврши, и за неговите јуначки подвизи, како војувал против јудејскиот цар Амасија, е опишано во летописите на израелските цареви. И почина Јоас кај своите предци, а на престолот негов седна Јеровоам. Јоас беше погребан во Самарија, кај израелските цареви.
Елисеј се разболе од болест, од која подоцна и умре. Дојде кај него израелскиот цар Јоас, плачеше над него, велејќи: „Татко мој, татко мој, бојна коло Израелова и негова коњицо!“ И му рече Елисеј: „Земи лак и стрели!“ И тој зеде лак и стрели. Тогаш му рече: „Стави ја раката на лакот!“ И тој ја стави раката. Тогаш Елисеј ги стави рацете свои врз рацете на царот и рече: „Отвори го прозорецот кон исток!“ И тој го отвори. А Елисеј рече: „Стрелај!“ И тој стрелаше. Потоа Елисеј рече: „Таа стрела за спасение е од Господ, таа е спасителната срела против Арам, и ти ќе ги поразиш и уништиш Арамејците во Афек.“ И продолжи Елисеј и рече: „Земи стрели!“ И тој зеде. Пак му рече на израелскиот цар: „Удри во земјата!“ И тој удри трипати и запре. И му се разгневи Божјиот човек и рече: „Требаше да удриш петпати или шестпати, тогаш ќе ги разбиеше докрај Арамејците, а сега ќе ги поразиш Арамејците само трипати.“