Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Коринтјаните 9:1-15

2 Коринтјаните 9:1-15 MK2006

Во врска со помагањето на светиите сметам дека не треба да ви пи­шу­вам, зашто ја познавам вашата спремност, за која се фалам со вас пред Маке­донците: „Ахаја приготвила помош уш­те од лани“; и вашата ревност поттикна мнозина. А браќата ги испратив за да не биде напразна нашата пофалба за вас, туку да бидете приготвени, како што тврдев, па, ако дојдат со мене Македонците и ве најдат неприготвени, да не остане­ме посрамени ние – да не речам вие, от­како ве пофаливме со таква увереност. Затоа сметав дека е потребно да ги замолам браќата да дојдат претходно кај вас и да ја приготват вашата од­нап­ред ветена милостина, па да се покаже како плод на благослов, а не на лакомство. Ова, пак, ви го велам: кој така скр­жаво сее, така скржаво ќе жнее; а кој богато сее, богато и ќе жнее. Секој да дава како што одлучил во срцето, а не со жал или принуда; зашто Бог го љуби оној што од срце дава. А Бог може изобилно да ве дарува со секаков дар, секогаш да имате доволно за сѐ, да бидете од сѐ срце дарежливи во секое добро дело. Како што е напишано: „Раздаде, им даде на сиромашните; правдата Негова останува вечна.“ А Оној Кој му дава на сејачот семе и леб за храна, Тој ќе го умножи и семето ваше, и ќе ви даде да изобилуваат плодовите на вашата правда, па во сѐ да се збогатите за секаква дарежливост, која преку нас предизви­кува благодарност кон Бога. Бидејќи извршувањето на таа служ­ба не само што ги надополнува пот­ре­бите на светиите, туку и во мнозина предизвикува обилна благодарност кон Бога; и тие, користејќи ги плодовите од таа служба, Го прославуваат Бога за ва­шето покорно исповедање на Еван­ге­ли­ето Христово и за штедроста на заедницата со нив и со сите други. А тие со молитви за вас копнеат по вас поради преизобилната благодат Божја во вас. Да Му благодариме на Бога за Не­говиот неискажлив дар!