Кога го вадеа среброто, што беше принесено во Господовиот дом, свештеникот Хелкија ја најде Книгата на Законот Господов, даден преку Мојсеевата рака. Проговори Хелкија, па му рече на писарот Сафан: „Ја најдов Книгата на Законот во домот Господов.“ Хелкија му ја даде книгата на Сафан. А Сафан ја однесе книгата кај царот и притоа му ја донесе на царот оваа вест: „Твоите слуги вршат сѐ што им е таму наредено.“ Го истурија среброто, што се наоѓаше во домот Господов, и го предадоа во рацете на надгледниците и во рацете на работниците. Писарот Сафан му јави уште на царот и рече: „Оваа книга ми ја даде свештеникот Хелкија.“ И Сафан ја прочита пред царот. Кога ги чу царот зборовите на законот, ја раскина својата облека. И му заповеда царот на Хелкија и на Ахикам, син Сафанов, на Авдон, син Михеев, и на писарот Сафан и на царскиот слуга Асаја, велејќи: „Одете и прашајте Го Господ за мене, за другите во Израел и за Јуда заради зборовите на таа најдена книга, зашто голем е гневот Господов, кој пламна врз нас, затоа што татковците наши не ги запазија Господовите зборови, за да постапуваат според она што е напишано во таа книга.“ Тогаш Хелкија и оние, што беа испратени од царот, отидоа кај пророчицата Хулда, жена на Селум, син на Токхат, син на Асра ризничарот, – а таа живееше во новиот дел на Ерусалим, – и говореа со неа за тоа. Таа им рече: „Вака вели Господ, Бог Израелов: кажете му на оној човек, што ве испратил кај мене. Вака вели Господ: ‚ете, ќе испратам зло врз ова место и врз жителите негови – сите проклетства, напишани во книгата, што ја читаа пред лицето на јудејскиот цар, поради тоа што Ме оставија и кадеа на други богови, за да Ме разгневат со сите дела на рацете свои. Затоа гневот Мој ќе се разгори над ова место и нема да згасне.‘ А на царот јудејски, кој ве испрати да Го прашате Бога, кажете му: ‚вака вели Господ, Бог Израелов, за зборовите, што си ги чул: бидејќи срцето ти омекна, и ти се понизи пред Господ, откако чу што вели Тој за ова место и за жителите негови, и понизувајќи се пред Мене и ја раскина облеката своја и плачеше пред Мене, затоа и Јас те слушнав, вели Господ. Ете, Јас ќе те приберам кај предците твои, и ќе бидеш положен со мир во гробницата своја, и очите твои нема да го видат сето она зло, што ќе го испратам врз ова место и против жителите негови.‘“ И му го однесоа одговорот на царот.