Јошија имаше осум години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим триесет и една година. Тој го правеше она што беше угодно пред очите Господови, одеше по патиштата на својот предок Давид и не скршнуваше ни лево ни десно.
На осмата година од царувањето свое, бидејќи уште беше момче, почна да Го бара Бога на својот предок Давид, а во дваесеттата година почна да ја чисти Јудеја и Ерусалим од идолските светилишта, од посветените дрвја и од извајаните и излеаните идоли. Зашто пред лицето негово ги разрушија жртвениците на Вааловци и идолите, што се издигаа над нив; ги исече посветените дрвја, а извајаните и излеаните идоли ги скрши и разби во прав, растурајќи ги по гробовите на оние, што им беа принесувале жртви; коските на жреците ги изгоре врз нивните жртвеници, ја исчисти Јудеја и Ерусалим. Во градовите на Манасија, Ефрем и Симеон, дури до коленото Нефталимово, и во нивните опустошени околини, тој ги собори жртвениците и посветените дрвја, ги разби во прав ликовите и ги скрши сите идоли по целата израелска земја, и се врати во Ерусалим.
На осумнаесеттата година од царувањето свое, откако беше исчистена земјата и Божјиот дом, тој го испрати Сафан, синот Ацалиев, Маасејаху, градоначалникот, и Јоах, син Јоахазов, писар, за да го обноват домот на Господ, нивниот Бог. Тие отидоа кај првосвештеникот Хелкија и го предадоа принесеното во Божјиот дом, што го беа собрале левитите, стражари кај прагот, од рацете на Манасија, Ефрем, од сите други Израелци, од синовите на Јуда и на Венијамин и од жителите ерусалимски. Го дадоа тоа во рацете на надгледниците, одредени во домот Господов, да го раздаваат на работниците, што ќе работат во Господовиот дом на поправката и обновувањето на домот. И тие им раздаваа на дрводелците и ѕидарите, за да купуваат делкани камења и дрвја за врски и за покривање на зградите кои јудејските цареви ги беа разрушиле. Тие луѓе чесно ја вршеа својата работа, а за надзорници над нив беа поставени Јахат и Авдија, левити од Мерариевите синови, и Захарија и Мешулам од Каатовите синови, и сите левити, што умееја да свират на музички направи. Тие беа одредени над носачите и ги надгледуваа сите работници кај секоја работа: а другите левити беа и писари, и надгледници, и вратари. Кога го вадеа среброто, што беше принесено во Господовиот дом, свештеникот Хелкија ја најде Книгата на Законот Господов, даден преку Мојсеевата рака. Проговори Хелкија, па му рече на писарот Сафан: „Ја најдов Книгата на Законот во домот Господов.“ Хелкија му ја даде книгата на Сафан. А Сафан ја однесе книгата кај царот и притоа му ја донесе на царот оваа вест: „Твоите слуги вршат сѐ што им е таму наредено.“ Го истурија среброто, што се наоѓаше во домот Господов, и го предадоа во рацете на надгледниците и во рацете на работниците. Писарот Сафан му јави уште на царот и рече: „Оваа книга ми ја даде свештеникот Хелкија.“ И Сафан ја прочита пред царот. Кога ги чу царот зборовите на законот, ја раскина својата облека. И му заповеда царот на Хелкија и на Ахикам, син Сафанов, на Авдон, син Михеев, и на писарот Сафан и на царскиот слуга Асаја, велејќи: „Одете и прашајте Го Господ за мене, за другите во Израел и за Јуда заради зборовите на таа најдена книга, зашто голем е гневот Господов, кој пламна врз нас, затоа што татковците наши не ги запазија Господовите зборови, за да постапуваат според она што е напишано во таа книга.“ Тогаш Хелкија и оние, што беа испратени од царот, отидоа кај пророчицата Хулда, жена на Селум, син на Токхат, син на Асра ризничарот, – а таа живееше во новиот дел на Ерусалим, – и говореа со неа за тоа. Таа им рече: „Вака вели Господ, Бог Израелов: кажете му на оној човек, што ве испратил кај мене. Вака вели Господ: ‚ете, ќе испратам зло врз ова место и врз жителите негови – сите проклетства, напишани во книгата, што ја читаа пред лицето на јудејскиот цар, поради тоа што Ме оставија и кадеа на други богови, за да Ме разгневат со сите дела на рацете свои. Затоа гневот Мој ќе се разгори над ова место и нема да згасне.‘ А на царот јудејски, кој ве испрати да Го прашате Бога, кажете му: ‚вака вели Господ, Бог Израелов, за зборовите, што си ги чул: бидејќи срцето ти омекна, и ти се понизи пред Господ, откако чу што вели Тој за ова место и за жителите негови, и понизувајќи се пред Мене и ја раскина облеката своја и плачеше пред Мене, затоа и Јас те слушнав, вели Господ. Ете, Јас ќе те приберам кај предците твои, и ќе бидеш положен со мир во гробницата своја, и очите твои нема да го видат сето она зло, што ќе го испратам врз ова место и против жителите негови.‘“ И му го однесоа одговорот на царот.
Тогаш царот заповеда да се соберат сите старешини од Јудеја и Ерусалим, па отиде царот во домот Господов, и со него сите Јудејци и жителите ерусалимски, и свештениците, и левитите, и сиот народ, од голем до мал; и им ги прочита тој гласно сите зборови од Книгата на заветот, најдена во домот Господов. Потоа царот се исправи на местото свое и склучи завет пред лицето на Господ – да Го следат Господа и да ги запазат од сѐ срце и со сета душа заповедите Негови, откровенијата негови и законите Негови, та да ги извршат зборовите на заветот, напишани во таа книга. И царот им заповеда на сите, што беа во Ерусалим и во земјата Венијаминова, да го потврдат тоа; и почнаа жителите ерусалимски да постапуваат според заветот на Бога, Бог на нивните предци. И ги отстрани Јошија сите гадотии од сите земји на израелските синови, и им заповеда на сите во земјата израелска да Му служат на Господ, својот Бог. И во сите денови на животот негов тие не отстапуваа од Господ Бог на нивните предци.