Жителите ерусалимски место него за цар го поставија Охозија, најмалиот негов син, бидејќи сите постари беа убиени од разбојници, што се беа приближиле до логорот со Арапите, – и така стана цар Охозија, синот на јудејскиот цар Јорам. Охозија беше на дваесет и две години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим една година; мајка му се викаше Готолија, ќерка на Омриј. И тој исто така одеше по патиштата на Ахавовиот дом, зашто мајка му беше негова советничка во незаконските дела. Тој го правеше она што беше неугодно пред очите на Господ, како домот Ахавов, зашто по смртта на татко му тој дом му беше советник, за негова пропаст. И, следејќи го нивниот совет, Охозија отиде со израелскиот цар Јорам, син Ахавов, во војна против Азаил арамејскиот цар, во Рамот Галаадски. И Арамејците го ранија Јорам; тој се врати во Израел да се лекува од раните, што му ги нанесоа во Рама, кога војуваше со Азаил, арамејскиот цар. И Охозија, синот Јорамов, цар јудејски, дојде да го посети Јорама, синот Ахавов, во Израел, бидејќи тој беше болен.