Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Летописи 20:10-26

2 Летописи 20:10-26 MK2006

А гледај, Амонците и Моавците и жителите на гората Сеир, чии земји не дозволи да ги нападнат Израел­ците, кога доаѓаа од египетската земја, па затоа тие ги одминаа и не ги сотреа, тие пак сега ни возвраќаат со лошо, доаѓајќи да нѐ истераат од Твојот посед, што си ни го дал да го наследиме. Боже наш! Суди им Ти. Зашто ние немаме сила против тоа големо множество, што нѐ нападнало, и не знаеме што да правиме; но очите ни се кон Тебе.“ Сите Јудејци стоеја пред лицето Господово, и нивните мали деца, жените нивни и синовите нивни. Тогаш Духот Господов слезе среде собранието врз Јахазиел, синот на Захарија, син Бенаев, син Јеиелов, син Матаниев, левит од Асафовите синови. И рече: „Чујте сите Јудејци и жители ерусалимски, и ти, царе Јосафате! Вака ви вели Господ ваш: Не плашете се и не стравувајте од тоа големо множество, зашто војната не е ваша, туку Божја. Излезете утре против нив: ете, тие ќе се искачуваат по ридот Циц, вие ќе ги најдете на крајот на долината, спрема пустината Јеруел. Овој пат нема вие да се борите: застанете, стојте и гледајте го спасението од Господ, што ви се испраќа. Јудо и Ерусалиме, не плашете се и не стравувајте! Излезете утре против нив, и Господ ќе биде со вас!“ Јосафат се поклони со лицето до земја, и сите Јудејци и жители еруса­лимски паднаа пред Господ, за да Му се поклонат. А левитите од синовите Каатови и од синовите Корееви почнаа да Го слават Господ, Бог Израелов, со многу висок глас. Утредента станаа рано и тргнаа кон Текојската пустина, и кога тргнаа, застана Јосафат и рече: „Чујте ме, Јудејци и жители ерусалимски! Верувајте Му на Господ, вашиот Бог, и бидете цврсти; верувајте им на пророците Негови и ќе имате успех.“ Потоа се посоветува со народот и постави пејачи пред Господ, кои со свечени облеки, одејќи пред војската, ќе ја слават светоста Негова и ќе велат: „Фалете Го Господа, зашто милоста Негова е засекогаш!“ И кога почнаа да воскликнуваат и да Му пеат славопои, Господ предизвика несогласност меѓу Амонците, Моав­ците и жителите на гората Сеир, што ја беа нападнале Јудеја, и тие беа разбиени: зашто Амонците и Моавците се кренаа против жителите на гората Сеир, и ги биеја и ги истребуваа, а кога завршија со жителите на Сеир, почнаа да се истребуваат едни со други. И кога Јудејците дојдоа на ридот кај пустината и го видоа она множество, а таму – трупови, испру­жени по земјата, и никој не се беше спасил. Дојде Јосафат и народот негов да собираат плен и најдоа кај нив при­лично многу и богатство, и облека и скапоцени работи, и собраа толку што не можеа да носат. Три дни собираа плен – толку многу голем беше тој! А на четвртиот ден се собраа во Долината на благословот, бидејќи таму Го благословија Господа. Затоа тоа место се вика Емек Бераха – Долина на благословот и до денес.