Потоа Моавците и Амонците, а со нив и некои од земјата маонска, појдоа во војна против Јосафат. Дојдоа и му јавија на Јосафат, велејќи: „Против тебе доаѓа големо множество народ од преку море, од Едом, и веќе се во Хацецон-Тамара, односно во Ен-Геди.“ Јосафат се уплаши и го сврте лицето свое и Го побара Господа и објави пост во цела Јудеја. Се собраа Јудејци да молат за помош од Господ; дојдоа да Го молат Господа од сите Јудини градови. И застана Јосафат во собранието на Јудејците и на ерусалимците во Домот Господов, пред новиот трем, и рече: „Господи, Боже на предците наши! Не си ли Ти Бог на небото? Ти владееш над сите царства на народите; и во Твојата рака е силата и цврстината, и никој не може да застане против Тебе! Нели Ти, Боже наш, ги истера жителите на оваа земја, пред лицето на Твојот народ Израел и му ја даде засекогаш на потомството на Авраам, Твојот пријател? Тие се населија во неа и Ти изградија во неа светилиште за Твоето име, велејќи: ‚ако дојде врз нас неволја: меч погубен, или помор, или глад, ќе застанеме пред овој дом и пред Твоето лице, зашто името Твое е во тој дом; и во маките свои ќе повикаме кон Тебе, и ти ќе нѐ чуеш и ќе нѐ избавиш.‘ А гледај, Амонците и Моавците и жителите на гората Сеир, чии земји не дозволи да ги нападнат Израелците, кога доаѓаа од египетската земја, па затоа тие ги одминаа и не ги сотреа, тие пак сега ни возвраќаат со лошо, доаѓајќи да нѐ истераат од Твојот посед, што си ни го дал да го наследиме. Боже наш! Суди им Ти. Зашто ние немаме сила против тоа големо множество, што нѐ нападнало, и не знаеме што да правиме; но очите ни се кон Тебе.“ Сите Јудејци стоеја пред лицето Господово, и нивните мали деца, жените нивни и синовите нивни. Тогаш Духот Господов слезе среде собранието врз Јахазиел, синот на Захарија, син Бенаев, син Јеиелов, син Матаниев, левит од Асафовите синови. И рече: „Чујте сите Јудејци и жители ерусалимски, и ти, царе Јосафате! Вака ви вели Господ ваш: Не плашете се и не стравувајте од тоа големо множество, зашто војната не е ваша, туку Божја. Излезете утре против нив: ете, тие ќе се искачуваат по ридот Циц, вие ќе ги најдете на крајот на долината, спрема пустината Јеруел. Овој пат нема вие да се борите: застанете, стојте и гледајте го спасението од Господ, што ви се испраќа. Јудо и Ерусалиме, не плашете се и не стравувајте! Излезете утре против нив, и Господ ќе биде со вас!“ Јосафат се поклони со лицето до земја, и сите Јудејци и жители ерусалимски паднаа пред Господ, за да Му се поклонат. А левитите од синовите Каатови и од синовите Корееви почнаа да Го слават Господ, Бог Израелов, со многу висок глас. Утредента станаа рано и тргнаа кон Текојската пустина, и кога тргнаа, застана Јосафат и рече: „Чујте ме, Јудејци и жители ерусалимски! Верувајте Му на Господ, вашиот Бог, и бидете цврсти; верувајте им на пророците Негови и ќе имате успех.“ Потоа се посоветува со народот и постави пејачи пред Господ, кои со свечени облеки, одејќи пред војската, ќе ја слават светоста Негова и ќе велат: „Фалете Го Господа, зашто милоста Негова е засекогаш!“ И кога почнаа да воскликнуваат и да Му пеат славопои, Господ предизвика несогласност меѓу Амонците, Моавците и жителите на гората Сеир, што ја беа нападнале Јудеја, и тие беа разбиени: зашто Амонците и Моавците се кренаа против жителите на гората Сеир, и ги биеја и ги истребуваа, а кога завршија со жителите на Сеир, почнаа да се истребуваат едни со други. И кога Јудејците дојдоа на ридот кај пустината и го видоа она множество, а таму – трупови, испружени по земјата, и никој не се беше спасил. Дојде Јосафат и народот негов да собираат плен и најдоа кај нив прилично многу и богатство, и облека и скапоцени работи, и собраа толку што не можеа да носат. Три дни собираа плен – толку многу голем беше тој! А на четвртиот ден се собраа во Долината на благословот, бидејќи таму Го благословија Господа. Затоа тоа место се вика Емек Бераха – Долина на благословот и до денес. Тогаш сите Јудејци и ерусалимците, на чело со Јосафат, тргнаа да се вратат во Ерусалим радосно, зашто Господ им даде победа над непријателите нивни. И дојдоа во Ерусалим со харфи, лири и труби пред домот Господов. И страв Божји навлезе кај сите царства земни, кога слушнаа дека Сам Господ војувал против непријателите на Израел. И царството Јосафатово се успокои; Господ му даде мир од сите страни.
Така царуваше Јосафат над Јудеја. Кога стана цар, беше на триесет и пет години, и царуваше во Ерусалим дваесет и пет години. Мајка му се викаше Азува, ќерка на Шилхи. Тој одеше по патот на својот татко Аса и не се отстрани од него, вршејќи го она што е угодно пред очите на Господ. Само идолските светилишта уште не беа разрушени, народот сѐ уште не го беше свртел срцето свое кон Бога на своите предци. Другите дела Јосафатови, први и последни, опишани се во записите на Јуј, синот Ананиев, кои се внесени во книгата на израелските цареви. Но потоа Јосафат, царот јудејски, се здружи со Охозија, цар израелски, кој постапуваше беззаконо; се поврза со него, за да градат кораби, што ќе ги испраќаат во Тарсис; а изградија и кораби во Ецјон-Гевер. Тогаш Елиезер, синот на Додавах од Мареша, пророкува за Јосафат и рече: „Бидејќи си се здружил со Охозија, Господ ќе го разруши твоето дело.“ И корабите се разбија и не можеа да отпловат за Тарсис.