Ровоам отиде во Сихем, зашто во Сихем се беа собрале сите Израелци, за да го изберат за цар. Кога чу за тоа Јеровоам, синот Наватов, – кој се наоѓаше во Египет, каде што беше избегал од царот Соломон, – тој се врати од Египет. Испратија да го повикаат. Дојде Јеровоам и сиот Израел, и му говореа на Ровоам вака: „Твојот татко ни наложи тежок јарем; ти, пак, олесни ни го тешкото ропство од татко ти и тешкиот јарем, што ни го наложи тој, и ние ќе ти служиме.“ Ровоам им одговори: „По три дена дојдете пак кај мене.“ И народот се разотиде. Се посоветува царот Ровоам со старешините, што стоеја пред татко му Соломон, додека беше жив, и им рече: „Што ќе ме посоветувате да му одговорам на овој народ?“ Тие му одговорија: „Ако бидеш добар кон овој народ и му угодиш, ако му говориш благи зборови, тој ќе ти служи во сите дни.“ Но тој го отфрли советот, што му го дадоа старешините, па почна да се советува со младите, што беа израснале заедно со него и служеа кај него; па им рече: „Што ќе ми советувате да им одговорам на оние луѓе, што ми рекоа вака: ‚Олесни ни го јаремот, што ни го наложи татко ти?‘“ Младите, што беа израснале со него, му одговорија и рекоа: „Вака кажи им на тие луѓе, што ти рекле: ‚твојот татко ни наложи тежок јарем, ти, пак олесни ни го,‘ – вака кажи им: ‚малиот прст ми е подебел од бедрата на татко ми. Татко ми ви наложи тежок јарем, јас, пак, ќе го зголемам вашиот јарем; татко ми ве казнуваше со камшици, јас, пак, ќе ве бијам со скорпии.‘“ Дојде Јеровоам и сите луѓе кај Ровоам на третиот ден, како што им беше заповедал царот, велејќи: „Дојдете кај мене пак по три дена.“ Тогаш царот им одговори грубо, бидејќи царот Ровоам го отфрли советот на старешините, и им говореше според советот на младите вака: „Татко ми ви наложи тежок јарем, јас пак ќе го зголемам; татко ми ве казнуваше со камшици, јас, пак, ќе ве бијам со скорпии.“ И царот не го послуша народот, зашто така беше определено од Бога, за да го исполни Господ зборот Свој, што го беше изрекол преку Ахија Силомецот за Наватовиот син Јеровоам.