Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Летописи 1:1-13

2 Летописи 1:1-13 MK2006

Соломон, синот Давидов, се зацврсти во царството свое, и Господ, не­говиот Бог, беше со него и го издигна високо. И му заповеда Соломон на сиот Из­раел да се соберат: илјадниците, стотниците, судиите и сите началници во сиот Израел – старешините на домовите татковски. Па отидоа Соломон и целото собра­ние со него на ридот во Гаваон, бидејќи таму беше Божјата скинија на собранието, која Мојсеј, слугата Господов, ја беше подигнал во пустината. Давид го беше пренел Божјиот ков­чег од Кирјат-Јарим на она место, што му го беше приготвил, откако направи за него скинија во Ерусалим. А бакарниот жртвеник, што го беше направил Веселеил, синот на Уриј, Оров син, си остана таму пред скинијата Господова; него го побараа Соломон и собранието. И таму пред лицето на Господ, врз бакарниот жртвеник, што беше пред скинијата на собранието, Соломон принесе илјада жртви-паленици. Во таа ноќ му се јави Господ на Со­ломон и му рече: „Барај, што сакаш да ти дадам.“ Соломон Му одговори на Бога: „Ти му направи на татко ми Давид голема милост и ме постави за цар место него. Нека се исполни сега, Господи, сло­вото Твое кон татко ми Давид, бидејќи ме направи цар над народ многуброен, како земниот прав, дај ми сега мудрост и разум, за да управувам со тој народ; зашто, кој може да управува со Твојот голем народ?“ И му рече Бог на Соломон: „Затоа што го имаш тоа во срцето свое и не побара богатство, имот и слава, ниту душите на твоите непријатели, туку побара мудрост и разум, за да управуваш со Мојот народ, над кој те поставив за цар – мудрост и разум ти се дава, а богатство, имот и слава ќе ти дадам такви, какви што кај царевите пред тебе немало, ниту ќе има по тебе.“ Тогаш Соломон се врати од ридот во Гаваон, од скинијата на собранието, во Ерусалим, и царуваше над Израел.