А кога Самоил остаре, ги постави своите синови за судии над Израел. Името на неговиот првороден син беше Јоил, а името на вториот син негов – Авија; тие беа судии во Вирсавија. Но синовите негови не одеа по неговите патишта, туку се впуштија во користољубие, земаа подароци и судеа криво. Тогаш се собраа сите старешини Израелови, дојдоа кај Самоил во Рама и му рекоа: „Ете, ти остаре, а синовите твои не одат по твоите патишта. Затоа постави ни цар, кој ќе ни суди, како што е кај другите народи.“ Овие зборови не му беа пријатни на Самоил, кога рекоа: „Дај ни цар, кој ќе ни суди.“ И Самоил Му се помоли на Господ. А Господ му рече на Самоил: „Послушај го гласот на народот за сѐ што ти говорат. Зашто тие не те отфрлија тебе, туку Ме отфрлија Мене за да не царувам над нив. Како што постапуваа со Мене, од оној ден кога ги изведов од Египет, до денес кога Ме оставија и почнаа да им служат на други богови, така постапуваат и со тебе. Затоа, сега послушај го гласот нивни! Само свечено опомени ги и објави им ги правата на царот што ќе царува над нив.“
И Самоил им ги соопшти сите тие зборови Господови на народот, кој бараше од него цар, и рече: „Еве, какви ќе бидат правата на царот што ќе царува над вас: тој ќе ги зема синовите ваши и ќе ги прави свои колари и свои коњаници и тие ќе одат пред колите негови; и ќе си ги назначува за заповедници над илјада, и заповедници над педесетмина, ќе ги постави да му ги обработуваат нивите, да го жнеат житото и да му прават војничко оружје и сѐ што е потребно за колите негови. Ќе ги зема ќерките ваши за да прават миризливи масла, да готват јадења и да печат леб. Ќе ви ги зема најдобрите ваши ниви, лозја и маслинови градини и ќе им ги дава на слугите свои. Ќе зема десеток од посевите ваши и од лозјата ваши и ќе им го дава на евнусите свои и на слугите свои. Ќе ги зема робовите ваши и робинките ваши, најдобрите момци ваши и магарињата ваши и ќе ги употребува за своја работа. Ќе зема десеток од вашиот ситен добиток, а вие сами ќе му бидете робови. А еден ден кога ќе заофкате од царот свој што самите сте си го избрале, Господ нема да ви одговори тогаш.“ Но народот не сакаше да го послуша гласот на Самоил и рече: „Не, нека има цар над нас, и ние ќе бидеме како другите народи – ќе ни суди нашиот цар и ќе оди пред нас, и ќе ги води нашите војни.“ И Самоил, откако ги ислуша сите тие зборови на народот, Му ги кажа на Господ. И Господ му рече на Самоил: „Послушај го гласот нивни и постави им цар.“ И Самоил им рече на Израелците: „Нека си оди секој во својот град!“