Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 19:1-17

1 Самоилова 19:1-17 MK2006

Саул му говореше на синот свој Јонатан и на сите слуги свои да го убијат Давид. Но Сауловиот син Јо­натан многу го сакаше Давид. Јонатан му кажа на Давид и рече: „Татко ми Саул сака да те убие. Затоа пази се утре. Сокриј се и биди на тајно место. Јас, пак, ќе излезам и ќе застанам до татко ми на нивата, каде што ќе бидеш ти, и ќе му позборувам на татко ми за тебе; што ќе разберам, ќе ти сооп­штам.“ Јонатан му говореше на татко си Саул добро за Давид, велејќи му: „Да не греши царот против својот слуга Давид, зашто тој во ништо не згрешил против тебе, и делата негови се многу корисни за тебе. Тој ја изложи душата своја на опасност за да го порази Филистеецот; и Господ изврши големо спасение за сиот Израел; ти го виде тоа и се радуваше; зашто сега сакаш да згрешиш против невина крв и да го убиеш Давид без причина?“ И Саул го послуша гласот на Јонатан, и се заколна Саул: „Се колнам во Господ! Давид нема да умре.“ Тогаш Јонатан го повика Давид; му ги соопшти Јонатан сите тие зборови и го доведе Јонатан Давид кај Саул, и тој беше кај него, како и порано. Почна пак војна, и излезе Давид, пак се биеше против Филистејците, и им нанесе голем пораз, и тие бегаа од него. И лош дух од Бога го нападна Саул, и тој седеше дома со копје во раката, а Давид свиреше со рака по струните. Саул сакаше да го прикове Давид со копјето за ѕидот, но Давид отскокна од Саул, и копјето се забоде во ѕидот; а Давид избега и се спаси таа ноќ. И испрати Саул слуги во куќата на Давид да го пречекаат и да го убијат до изутрината. Тогаш му рече на Давид жена му Михала: „Ако не ја спасиш душата своја оваа ноќ, утре ќе бидеш убиен.“ Тогаш Михала го спушти Давид низ прозорецот, и тој отиде, избега и се спаси. А Михала зеде една статуа, ја стави во леглото, а на перницата стави козја кожа, и ја покри со облека. И Саул испрати слуги да го фатат Давид; но Михала рече: „Болен е.“ А Саул испрати слуги да го видат Давид, велејќи: „Донесете ми го на легло за да го убијам.“ Дојдоа слугите, и ете, во леглото статуа, а на перницата козја кожа. Тогаш Саул ѝ рече на Михала: „Зошто ме излага така и дозволи мојот непријател да избега?“ А Михала му одговори на Саул: „Тој ми рече: пушти ме, инаку ќе те убијам.“