Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 17:32-50

1 Самоилова 17:32-50 MK2006

И му рече Давид на Саул: „Никој нека не паѓа со духот пред овој; твојот роб ќе отиде и ќе се бори против тој Филистеец.“ А Саул му рече на Давид: „Не мо­жеш да одиш против Филистеецот, да се бориш против него, зашто ти си уште момче, а тој е војник уште од раната младост.“ Тогаш Давид му рече на Саул: „Секогаш кога твојот слуга ги пасеше татковите си овци, ако случајно дојдеше некој лав, или мечка, и ќе одвлечеше овца од стадото, јас се спуштав по нив, ги напаѓав и им ја одземав од устата нивна. Ако, пак, тие се нафрлеа врз мене, јас ги фаќав за гривата, ги удирав и ги убивав. Лав и мечка убивал твојот слуга, а и со овој необрезан Филистеец ќе стане истото како со нив, бидејќи ја навредува војската на живиот Бог.“ Давид рече уште: „Господ, Кој ме спасуваше од канџите на лавот и меч­ката, ќе ме спаси и од рацете на овој Филистеец.“ Саул го облече Давид со облеката своја, му стави на главата бакарен шлем, и му навлече железен оклоп. Давид го опаша мечот негов врз об­леката и се обиде да оди, бидејќи никогаш не одел со такво вооружување. И Давид му рече на Саул: „Не можам да одам со ова, не сум навикнат.“ И го симна Давид сето тоа од себе. Па го зеде в рака стапот свој, си одбра пет мазни камчиња од потокот, ги стави во овчарската торбичка што беше со него; и со торбичката и праќата в рака излезе против Филистеецот. Излезе и Филистеецот, одејќи и приближувајќи се кон Давид, и пред него одеше оруженосецот. Погледна Филистеецот, и откако го виде Давид, со потсмев го изгледа, бидејќи беше млад, рус и убав. Филистеецот му рече на Давид: „Зошто си тргнал против мене со стап? Да не сум куче?“ Филистеецот го проколна Давид со боговите свои. И Филистеецот му рече на Давид: „Приближи се до мене, и ќе им го дадам телото твое на птиците небески и на ѕверовите полски.“ Давид му одговори на Филистеецот: „Ти одиш против мене со меч, копје и штит, јас, пак, одам против тебе во името на Господ Саваот, Бог на израелската војска што ти ја навредуваш. Сега ќе те предаде Господ во раката моја, и јас ќе те убијам, ќе ја симнам од тебе главата твоја, и ќе им ги дадам и труповите на филистејската војска на птиците небески и ѕверовите земни, и целата земја ќе дознае дека има Бог во Израел; и сите овие луѓе ќе разберат дека Господ не спасува со меч и копје, зашто тоа е војна на Господ, и Тој ќе ве предаде во рацете наши.“ Кога Филистеецот се исправи и почна да пристапува и да се прибли­жува кон Давид, Давид брзо се стрча кон местото на борбата против Филис­теецот, и бркна со раката во торбата, извади оттаму еден камен и фрли со праќата, та го удри Филистеецот в чело, така што каменот се заби во челото негово, и тој падна ничкум на земјата. Така, со праќа и камен, го победи Давид Филистеецот; го удри Филистее­цот и го уби; а Давид немаше меч во рацете.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност