Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 17:1-30

1 Самоилова 17:1-30 MK2006

Филистејците ги собраа војските свои за војна, се сместија во Сохо, град јудејски, и поставија логор меѓу Сохо и Азека, во Ефес-Дамим. А Саул и Израелците се собраа и си поставија логор во Теревинтската Долина и се подготвија за војна против Филистејците. И застанаа Филистејците од едната страна на планината, и Израелците од другата страна на планината, а меѓу нив беше долината. А од Филистејскиот логор излезе еден јунак, по име Голијат, од Гет. Беше висок шест лакти и педа. На главата имаше бакарен шлем; а беше облечен во лушпест оклоп, и оклопот тежеше пет илјади шекели бакар. На нозете имаше бакарни ногавици до над колената и на плеќите свои – бакарен штит. Дршката на копјето негово беше како ткаечко кросно, а самото копје – беше од шестотини шекели железо; пред него одеше оруженосец. И застана тој и викна кон израелските војски, велејќи им: „Зошто сте излегле да војувате? Нели сум јас Филистеец, а вие робови Саулови? Из­берете си еден човек и нека слезе кај мене! Ако тој може да се бие со мене и да ме убие, ние ќе ви бидеме робови; ако, пак, јас го победам и го убијам, вие ќе ни бидете робови и ќе ни служите.“ Рече уште Филистеецот: „Денес ќе ја засрамам војската Израелова; дајте ми човек, и ние двајца ќе се биеме.“ И Саул и сите Израелци кога ги слушнаа тие зборови од Филистеецот, многу се уплашија и ужасија. Давид беше син на еден човек од родот на Ефрата од Витлеем Јудејски, по име Јесеј, кој имаше осум синови; во дните на Саул тој човек беше веќе стар – на поодминати години. Тројцата најстари синови на Јесеј отидоа со Саул во војна. Имињата на тројцата синови што отидоа во војна, беа: најголемиот се викаше Елијав, вториот по него – Авинадав, и третиот – Шама; Давид, пак, беше најмал. Тројцата поголеми отидоа со Саул, а Давид се беше вратил од Саул за да ги пасе овците на таткото свој во Витлеем. А оној Филистеец излегуваше наутро и навечер и се покажуваше така четириесет дена по ред. И Јесеј му рече на синот свој Давид: „Земи за браќата свои ефа печено жито и овие десет леба и однеси ги што поскоро во логорот кај браќата твои. А овие десет пити сирење однеси му ги на илјаданачалникот и распрашај се за здравјето на браќата твои и дознај за потребите нивни.“ Саул и сите тие Израелци се наоѓаа во Теревинтската Долина и се готвеа за борба со Филистејците. Давид изутрината стана рано, ги остави овците на чувар, и откако го зеде товарот, тргна, како што му беше заповедал Јесеј; и дојде во логорот, кога војската беше наредена и со извици се готвеше за борба. Тогаш Израелците и Филистејците се распоредија војска спроти војска. Давид го остави товарот кај чуварот на логорот и потрча кон бојниот ред, дојде и ги запраша браќата свои за здравје. И ете, додека тој разговараше со нив, силниот човек, кому му беше име­то Голијат, Филистеец од Гет, излегуваше од филистејските редови и ги кажуваше истите оние зборови и Давид ги слушна. И сите Израелци, откако ќе го видеа тој човек, бегаа од него и многу се плашеа. Израелците велеа: „Го гледате ли оној човек што излегува? Тој излегува за да го навредува Израел; а кога би го убил некој, царот би го наградил со големо богатство, и би му ја дал ќерката своја за жена, а домот на татко му би му го направил слободен во Израел.“ И Давид им рече на оние што стоеја со него: „Што ќе му направат на оној што ќе го убие оној Филистеец и ќе го симне срамот од Израел? Зашто, кој е тој необрезан Филистеец што ја навредува војската на живиот Бог?“ И тие му ги рекоа истите зборови, додавајќи: „Ете, тоа ќе му направат на оној човек што ќе го убие.“ Елијав, најголемиот брат на Давид, слушна што говореше тој со луѓето, и му се налути Елијав на Давид, па му рече: „Зошто си дошол тука и на кого им ги остави оние малку овци во пустината? Ја познавам твојата дрскост и твоето лошо срце. Ти си дошол да ја гледаш борбата.“ А Давид рече: „Па што сум напра­вил? Нели се тоа само зборови?“ Па се сврте од него кон друг и ги говореше истите зборови, а луѓето му одговараа како и порано.