И дојде Амонецот Нахас и го опколи Јавеш Галаадски. И сите жители на Јавеш му рекоа на Нахас: „Склучи со нас сојуз, и ние ќе ти служиме!“ Но Амонецот Нахас им рече: „Ќе склучам сојуз со вас, но под услов, на секого од вас да му го извадам десното око и со тоа да нанесам срам врз целиот Израел.“ Старешините на Јавеш му рекоа: „Дај ни рок од седум дена да испратиме пратеници по сите израелски области, и, ако никој не ни помогне, ќе ти се предадеме.“ И пратениците дојдоа во Гива Саулова и му ги раскажаа на народот гласно тие зборови; и сиот народ извика и заплака. А ете, Саул доаѓаше од нива по воловите свои и рече: „Што станало со народот, та плаче?“ И му ги кажаа зборовите на жителите на Јавеш. И слезе Духот Божји врз Саул, откако ги чу тие зборови, и силно се разгневи; па зеде два вола, ги исече на парчиња и ги испрати по сите израелски предели преку тие пратеници, објавувајќи дека така ќе биде постапено со воловите на секого што нема да тргне по Саул и по Самоил. И страв Господов падна врз народот, и тргнаа сите како еден човек. Саул ги преброи во Безек, и се најдоа синовите Израелови триста илјади и мажи Јудини – триесет илјади. И им рече на дојдените пратеници: „Вака кажете им на жителите на Јавеш Галаадски: утре ќе имате помош штом ќе припече сонцето.“ И пратениците отидоа и им јавија на јавешките жители, и тие се зарадуваа. И жителите на Јавеш му рекоа на Нахас: „Утре ќе ви се предадеме, и правете со нас што сакате.“ Следниот ден Саул го раздели народот во три групи, и тие се провлекоа среде логорот по утринската стража и до дневниот припек ги поразија Амонците; другите Амонци се распрснаа така што од нив не останаа ни двајца заедно. Тогаш народот му рече на Самоил: „Кои беа тие што рекоа – ‚Та Саул ли ќе царува над нас?‘ – Дајте ги тие луѓе, и ние ќе ги убиеме.“ Но Саул рече: „Денес не треба никој да се убие, зашто денес Господ изврши спасение во Израел.“ И Самоил му рече на народот: „Да одиме во Гилгал и таму одново да го осветиме царувањето.“ И сиот народ отиде во Гилгал и го поставија таму Саул за цар пред Господ, во Гилгал, и принесоа таму жртви за благодарност пред Господ. И се провеселија таму многу, Саул и сите Израелци.
Прочитај 1 Самоилова 11
Сподели
Спореди ги сите верзии: 1 Самоилова 11:1-15
Зачувај стихови, читај офлајн, гледај наставни клипови и уште многу повеќе!
Дома
Библија
Планови
Видеа