Петар, апостол на Исус Христос, до повратниците распрснати по Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Витанија, избрани по предзнаењето на Бог Отецот, и осветени од Духот за послушност и попрскување со крвта на Исус Христос: да ви се умножат благодатта и мирот!
Благословен е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој по својата голема милост нѐ прероди преку воскресението на Исус Христос од мртвите за жива надеж, за наследство што не пропаѓа, чисто, кое не свенува, запазено на небесата за вас, кои Божјата сила преку верата ве сочувала за спасение, приготвено да се открие во последното време. Затоа радувајте се, макар што можеби сега ќе треба малку и да тагувате поради разновидни искушенија, та вашата вера испитана да излезе подрагоцена од нетрајното злато, кое сепак се испробува преку оган, за пофалба и чест и слава, кога ќе се појави Исус Христос, Кого Го сакате, иако не сте Го виделе, и во Кого верувајќи сега, а не гледајќи Го, се радувате со неискажлива и славна радост, примајќи ја крајната цел на вашата вера – спасението на душите.