Тогаш застана Соломон пред жртвеникот Господов, пред целиот собор на Израелците, ги крена рацете кон небото и рече: „Господи, Боже Израелов! Нема Бог како Тебе ниту на небото горе, ниту на земјата долу; Ти го пазиш заветот и милоста кон слугите Свои, кои одат пред Тебе од сѐ срце. Ти го исполни на Својот слуга Давид, мојот татко, она што му го беше ветил; она што го беше изрекол со устата Своја, денес го изврши со раката Своја. И сега, Господи, Боже Израелов, исполни го на Својот слуга Давид, мојот татко, она што му го беше говорел, велејќи: ‚Пред лицето мое никогаш нема да недостасува маж од тебе, кој ќе седи на Израеловиот престол; доволно е само синовите твои да се држат за патот свој, одејќи пред Мене така, како што ти одеше пред Мене.‘ И сега, Боже Израелов, нека биде верно словото Твое што си му го рекол на Својот слуга Давид, мојот татко! Но зар Бог ќе сака да живее на земјата! Небото и небото на небесата не се доволни да Те соберат, а уште помалку овој храм што сум го изградил јас; но погледни милостиво кон молитвата на Твојот слуга и кон молбата негова, Господи, Боже мој! Чуј го повикот и молитвата со која Твојот слуга Те моли денес. Да бидат очите Твои отворени кон тој храм дење и ноќе, кон ова место, за кое си рекол: името Мое ќе биде таму; чуј ја молитвата, со која ќе се моли Твојот слуга на тоа место. Сослушај ја молбата на Твојот слуга и на Твојот народ Израел, кога тие ќе се молат на ова место; чуј од местото на Твоето живеалиште, од небесата, сослушај и смилувај се. Кога некој ќе згреши против ближниот свој, и ќе побара од него со заклетва за да се заколне, и заради заклетвата ќе дојдат пред Твојот жртвеник во овој храм, тогаш сослушај ги од небото и дејствувај, донеси суд над Своите слуги, обвини го виновниот, стоварувајќи му ја врз главата негова постапката негова, и оправдај го правиот, давајќи му според неговата праведност. Кога Твојот народ Израел ќе биде поразен од непријателите, поради тоа што згрешил пред Тебе, и кога тие ќе се обратат кон Тебе и ќе го исповедаат името Твое и ќе Ти се молат и ќе довикуваат со молитви во овој храм, – сослушај го тогаш од небото и прости му го гревот на Твојот народ Израел, и врати ги во земјата што си им ја дал на татковците нивни. Кога ќе се заклучи небото и ќе нема дожд, поради тоа што ќе згрешат пред Тебе, ќе го исповедаат името Твое и се свртат од гревот свој, бидејќи си ги смирил, – сослушај ги тогаш од небото и прости им го гревот на Своите слуги и на Својот народ израелски, покажувајќи им го добриот пат, по кој да одат, и испрати дожд врз Твојата земја што си му ја дал на народот Свој во наследство. Глад ли ќе настане по земјата, или помор, огнен ветар ли, гламја, скакулци, или гасеници, непријателот ли ќе го притисне во земјата негова, некаква неволја ли ќе се појави, или болест, – при секоја молитва, при секоја молба што доаѓа од кој и да било човек од сиот Твој народ израелски, кога ќе почувствуваат болка во срцето свое и ќе ги подадат рацете кон овој храм, сослушај го од небото, од местото на Твоето живеалиште, и смилувај се; направи и воздај секому според патиштата негови, како што го гледаш срцето негово, бидејќи само Ти ги познаваш срцата на сите човечки синови: за да имаат страхопочит кон Тебе во сите дни, додека живеат на земјата што си им ја дал на татковците нивни. Ако и некој туѓинец, кој не е од Твојот народ Израел, дојде од далечна земја заради Твоето име, – зашто ќе чујат за Твоето големо име, за Твојата силна рака и за Твојата крената мишка и ќе дојдат да се помолат во овој храм, сослушај го од небото, од местото на Своето живеалиште, и направи сѐ, за што ќе Те повика туѓинецот, та сите земни народи да го знаат Твоето име за да имаат страхопочит кон Тебе, како Твојот народ Израел, да знаат дека овој храм што го изградив јас, е наречен на Твое име.