Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Царевите 21:1-16

1 Царевите 21:1-16 MK2006

По тие настани еве што се случи: јизреелецот Навутеј имаше во Јизреел лозје до дворецот на самарјанскиот цар Ахав. Ахав му рече на Навутеј, велејќи: „Дај ми го лозјето свое; тоа ќе ми биде овоштарник, бидејќи е близу до мојот дом, а место него ќе ти дадам поубаво лозје од тоа, или, ако сакаш, ќе ти дадам сребро, колку што чини тоа.“ Но Навутеј му одговори на Ахав: „Да не даде Господ да ти го дадам наследството од предците свои.“ Ахав се врати во домот свој вознемирен и огорчен од зборовите што му ги беше кажал јизреелецот Навутеј, велејќи: „Нема да ти го дадам наследството од предците свои!“ Тој легна на својата постела, го покри лицето и не јадеше леб. Кај него влезе жена му Језавела и му рече: „Зошто си збркан со духот, па и леб не јадеш?“ Тој ѝ одговори: „Кога му спомнав на јизреелецот Навутеј и му реков: ‚дај ми го лозјето за сребро, или, ако сакаш, да ти дадам друго лозје место него‘, – тој ми одговори – не ти го давам лозјето свое, наследство од предците мои.“ Тогаш жена му Језавела му рече: „Нели ти си сега цар во Израел? Стани, јади леб и биди спокоен; јас ќе го земам лозјето од јизреелецот Навутеј.“ И таа напиша писма од името на Ахав, ги запечати со неговиот печат и ги испрати до старешините и големците што живееја со Навутеј, во градот негов. Во писмата таа пишуваше вака: „Об­јавете пост и поставете го Навутеј пред народот; и спроти него ставете двајца лоши луѓе што ќе сведочат против него и да кажат: ‚Ти хулеше на Бога и на царот.‘ И потоа изведете го и убијте го со камења, та да умре.“ Тогаш мажите на неговиот град, старешините и големците што живееја во градот негов, направија како што им заповеда Језавела, така, како што беше напишано во писмата што го беше испратила до нив. Објавија пост и го поставија Навутеј пред народот; па излегоа двајца лоши луѓе, седнаа спроти него и сведочеа против него пред народот и велеа: „Навутеј хули на Бога и на царот.“ Па го изведоа надвор од градот, го убија со камења, и тој умре. Испратија да ѝ кажат на Језавела: „Навутеј е убиен со камења и умре.“ Кога слушна дека Навутеј е убиен со камења и умрел, Језавела му рече на Ахав: „Стани и завладеј со лозјето на јизреелецот Навутеј, кој не сакаше да ти го даде за сребро, бидејќи Навутеј го нема меѓу живите, тој умрел.“ Кога слушна дека јизреелецот Навутеј бил убиен, Ахав стана и отиде во лозјето на јизреелецот Навутеј да го запоседне.