1 Царевите 20
20
Опсадата на Самарија
1Арамејскиот цар Венадад, ја собра сета војска своја, и со него имаше триесет и двајца цареви, и коњи и коли, и отиде, па ја опседна Самарија и војуваше против неа. 2И испрати пратеници до израелскиот цар Ахав во градот, 3и му рече: „Вака вели Венадад: твоето сребро и твоето злато се мои, и твоите жени и најдобрите твои синови се мои.“ 4Израелскиот цар одговори и рече: „Нека биде според зборот твој, господаре мој, царе; јас и сѐ што е мое е твое.“ 5Известувачите повторно дојдоа и рекоа: „Вака вели Венадад: испратив да ти кажат, да ми го дадеш среброто свое и златото свое, жените свои и синовите свои. 6Затоа, утре, во ова време, ќе ги испратам кај тебе слугите свои да ја пребараат твојата куќа и куќите на твоите слуги, и да го земат в раце и да го изнесат сѐ што е скапо за очите твои.“ 7Израелскиот цар ги повика сите старешини во земјата и рече: „Размислете и гледајте, па тој крои зло; кога испрати кај мене за жените и синовите мои, за среброто и златото мое, јас не му откажав.“ 8И сите старешини и сиот народ му одговорија: „Не слушај и не се согласувај!“ 9Потоа тој им одговори на Венададовите известувачи: „Кажете му на мојот господар, царот: сѐ, за кое ти испрати првиот пат по твојот слуга, готов сум да го направам, но ова не можам да го направам.“ Тогаш пратениците си отидоа и му однесоа одговор. 10И Венадад испрати и му порача: „Нека ми испратат боговите најтешка казна и уште толку да ми додадат, ако во Самарија има доволно по еден грст прашина за сите луѓе што одат по мене.“ 11#Ер 9,22-23; Пс 20,7Израелскиот цар одговори и рече: „Кажете му да не се фали оној, кој се опашува како оној што се распашува.“ 12Кога ги слушна тие зборови Венадад, кој пиеше во шаторите заедно со царевите, им рече на слугите свои: „Опседнувајте го градот!“ И го опседнаа градот.
Царот Ахав извојува победа
13И ете, еден пророк пристапи до израелскиот цар Ахав и рече: „Вака вели Господ: го гледаш ли ова цело големо множество? Еве, денес ќе го предадам во твои раце за да знаеш дека Јас сум Господ.“ 14Ахав запраша: „Преку кого?“ Тој одговори: „Вака вели Господ: ‚преку слугите на градските водачи.‘“ А Ахав пак праша: „Кој ќе ја почне битката?“ Тој му одговори: „Ти.“ 15Ахав ги преброи оние што служеа кај обласните началници, кои беа на број двеста триесет и двајца; по нив го преброи сиот народ, сите израелски синови, и тие беа седум илјади. 16Тие тргнаа околу пладне. Додека Венадад пиеше и се опиваше во шаторите заедно со царевите, со триесет и двајцата цареви, кои му помагаа. 17Најнапред тргнаа обласните началници. И му соопштија на Венадад дека излегле луѓе од Самарија. 18Тој рече: „Ако се излезени за мир, фатете ги живи; ако, пак, се излезени да војуваат, пак фатете ги живи!“ 19Оние што служеа кај обласните началници излегоа од градот, а по нив и војската. 20И секој го убиваше својот противник: Арамејците почнаа да бегаат, а Израелците ги гонеа. Венадад, арамејскиот цар, се спаси на коњ со други коњаници. 21Израелскиот цар излезе, ги заплени коњите и колите и им нанесе голем пораз на Арамејците. 22Тогаш пророкот пристапи до израелскиот цар и му рече: „Оди, поткрепи се, па знај и гледај што ќе правиш, зашто по една година арамејскиот цар пак ќе излезе против тебе.“
Повторна победа на Ахав
23И му кажаа на арамејскиот цар слугите негови: „Нивниот Бог е Бог на горите, затоа нѐ победија; но, ако се удриме со нив во рамнина, бездруго ќе ги надвиеме. 24И така, еве што ќе направиш: отстрани ги царевите секој од местото негово и место нив постави градски водачи; 25и собери си толку војска, колку што изгина, и коњи, и коли, колку што имаше; ќе се удриме со нив во рамнина и тогаш бездруго ќе ги надвиеме.“ Тој го послуша гласот нивни и направи така. 26По една година Венадад собра Арамејци и тргна кон Афек за да се удри со Израел. 27#Суд 7,1-15Собрани беа и Израеловите синови и, откако си зедоа храна, тргнаа против нив. Израеловите синови се сместија пред нив како две мали стада кози, а Арамејците ја исполнија земјата. 28Тогаш Божјиот човек се приближи и му рече на израелскиот цар: „Така вели Господ: бидејќи Арамејците велат дека Господ е Бог на горите, а не Бог на долините, ќе го предадам во рацете твои целото тоа големо множество за да знаете дека Јас сум Господ.“ 29И тие стоеја во логорите едни спроти други седум дена. На седмиот ден почна борбата, и Израеловите синови убија сто илјади пешаци Арамејци во еден ден. 30Другите избегаа во градот Афек; таму падна ѕидот врз другите дваесет и седум илјади луѓе.
Ахав го поштедува животот на царот на Арам
Венадад, пак, влезе во градот и бегаше од една скривница во друга. 31Тогаш неговите слуги му рекоа: „Сме слушале дека царевите од Израеловиот дом се милостиви цареви; дозволи ни да го препашеме со вреќиште крстот свој, да ставиме јажиња околу главите свои и да отидеме кај израелскиот цар; можеби тој ќе го запази животот твој.“ 32Тие го препашаа крстот свој со вреќиште, ставија околу главите свои јажиња и дојдоа кај израелскиот цар, па рекоа: „Твојот слуга Венадад вели: ‚Поштеди го животот мој.‘“ Оној праша: „Зар е тој жив? Тој ми е брат.“ 33Тие луѓе го примија тоа како добар знак и брзо го зедоа зборот од устата негова и рекоа: „Венадад е твојот брат.“ А тој им рече: „Одете и доведете го.“ Тогаш Венадад излезе пред него, а тој го качи до себе во колата. 34И му рече Венадад: „Градовите што таткото мој ги презеде од твојот татко, ќе ги вратам, и ти можеш да имаш за себе пазаришта во Дамаск, како што имаше татко ми во Самарија.“ Ахав одговори: „Со тој завет ќе те пуштам.“ И, откако направи сојуз со него, го пушти.
Бог ја осудува слабоста на Ахав
35Тогаш еден од пророковите синови според словото Господово му рече на еден од своите другари: „Удри ме!“ Но тој човек не се согласи да го удри. 36#13,24Тогаш му рече: „Поради тоа што не го послуша Господовиот глас, ќе те умртви лав, кога ќе си отидеш од мене.“ Тој си отиде од него, и лав го сретна и го умртви. 37Тој најде друг човек и рече: „Удри ме!“ Човекот го удираше толку силно што му направи рани од ударите. 38#2 Сам 12,1-12; 14,1-20Тогаш пророкот тргна и застана пред царот на патот, а очите си ги покри со превез. 39Кога царот минуваше, тој извика кон царот и рече: „Твојот слуга одеше во борба, и ете, еден човек, се тргна настрана и ми доведе еден маж и рече: ‚Варди го овој човек; ако не го зачуваш, душата твоја ќе оди место неговата душа, или ќе треба да платиш кикар сребро.‘ 40Кога слугата твој се зафати со ова и она, тој се изгуби.“ А израелскиот цар му рече: „Таква ти е пресудата; ти сам си ја решил.“ 41Тој тогаш го симна превезот од очите свои, и царот го позна дека е од пророците. 42И му рече: „Вака вели Господ: затоа што го пушти од рацете свои човекот што го бев предал на проклетство, твојата душа ќе оди место неговата душа, и твојот народ – место неговиот народ.“ 43Израелскиот цар си замина во домот свој возбуден и огорчен и стигна во Самарија.
Селектирано:
1 Царевите 20: MK2006
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006