Кога го виде тоа, Илија стана и замина за да го спаси животот свој, и дојде во Вирсавија, која е во Јудеја, и таму го остави слугата свој, а самиот тој отиде во пустината на еден ден пат и, откако дојде, седна под едно иглолисно дрво и посакуваше да умре, велејќи: „Доста е веќе, Господи, прибери ја душата моја, бидејќи јас не сум подобар од предците свои.“ И легна, та заспа под дрвото. И ете, ангел го допре и му рече: „Стани, јади.“ Илија погледна, и, ете, до возглавницата негова стои печена питка и стомна вода. Тој касна, пивна и пак заспа. Ангелот Господов се врати повторно, се допре до него и рече: „Стани, јади, бидејќи те чека долг пат.“ Тој стана, касна и пивна и, откако се поткрепи со таа храна, одеше четириесет дена и четириесет ноќи до Божјата гора Хорив.
И влезе таму во една пештера и ноќеваше во неа. И, ете, би кон него слово Господово, и Господ му рече: „Зошто си овде Илија?“ Тој одговори: „Пламнав од ревност за Господ, Бог Саваот, зашто Израеловите синови го оставија Твојот завет, ги разурнаа Твоите жртвеници и со меч ги убија Твоите пророци; само јас останав, но и мојата душа сакаат да ја земат.“ Тогаш Бог му рече: „Излези и застани на гората пред лицето Господово; и, ете, Господ ќе мине, и голем и силен ветар кој ридови урива и соборува карпи пред Господ; но не е Господ во ветрот; по ветер – земјотрес, но не е Господ во земјотресот; по земјотресот – оган, но не е Господ во огнот; по огнот – здив од тих ветар, и таму е Господ.“