И Ахав ѝ раскажа на Језавела сѐ што направи Илија, и како тој ги уби со меч сите пророци. А Језавела испрати известувач кај Илија да му каже: „Нека ми испратат боговите најтешка казна и нешто повеќе нека ми додадат, ако до утре во ова време не направам со твојата душа, она што беше направено со душата на секого од нив.“ Кога го виде тоа, Илија стана и замина за да го спаси животот свој, и дојде во Вирсавија, која е во Јудеја, и таму го остави слугата свој, а самиот тој отиде во пустината на еден ден пат и, откако дојде, седна под едно иглолисно дрво и посакуваше да умре, велејќи: „Доста е веќе, Господи, прибери ја душата моја, бидејќи јас не сум подобар од предците свои.“ И легна, та заспа под дрвото. И ете, ангел го допре и му рече: „Стани, јади.“ Илија погледна, и, ете, до возглавницата негова стои печена питка и стомна вода. Тој касна, пивна и пак заспа. Ангелот Господов се врати повторно, се допре до него и рече: „Стани, јади, бидејќи те чека долг пат.“ Тој стана, касна и пивна и, откако се поткрепи со таа храна, одеше четириесет дена и четириесет ноќи до Божјата гора Хорив.