И му рече Илија на народот: „Само јас останав пророк Господов, а Ваалови пророци има четиристотини и педесет. Нека ни дадат две телиња и нека си изберат едно теле, и да го расечат и стават врз дрва, но оган да не потпалуваат; јас, пак, ќе го приготвам другото теле и ќе го ставам врз дрва, и оган нема да потпалувам; тогаш повикајте го името на вашиот бог, јас, пак, ќе го повикам името на Господ, мојот Бог. Оној Бог, Кој ќе одговори преку оган, Тој е Бог.“ И сиот народ одговори и рече: „Добро, нека биде така!“ Потоа им рече Илија на Вааловите пророци: „Изберете си едно теле и пригответе го вие најнапред, бидејќи сте многу; и повикајте го името на вашиот бог, и оган не потпалувајте.“ И ете, го зедоа телето што им беше дадено, го приготвија и го повикуваа името на Ваал од утрината до пладне, велејќи: „Ваале, слушни нѐ!“ Но немаше ни глас, ни одговор. И тие скокаа пред жртвеникот што го беа направиле. Попладнето Илија почна да им се потсмева и велеше: „Викајте посилно, зашто тој е бог; можеби се замислил, или е зафатен со нешто, или е на пат, а можеби и спие, – така ќе се разбуди!“ И тие почнаа да викаат високо и според обичајот свој да се бодат со ножеви и копја, така што крв течеше од нив. Мина пладне, а тие сѐ уште беснееја токму до вечерното принесување на жртва; но не се слушна никаков глас, ниту одговор, или одек. Тогаш Илија му рече на сиот народ: „Приближете се до мене.“ И сиот народ се приближи до него. Тој, пак, го подигна урнатиот жртвеник Господов. И зеде Илија дванаесет камења, токму колку што е бројот на племињата на синовите на Јаков, кому Господ му беше рекол вака: „Израел ќе биде твоето име.“ И изгради од тие камења жртвеник во името на Господ, а околу жртвеникот направи окоп што собираше две сеи зрна за да се посеат, и постави дрва врз жртвеникот, го расече телето, го стави врз дрвата, и рече: „Наполнете четири ведра вода и поливајте ја жртвата сепаленица и дрвата!“ И направија така. Потоа рече: „Повторете!“ И тие повторија. Тогаш рече: „Направете го тоа по третпат.“ И тие го направија и по третпат. И водата се разлеа околу жртвеникот, а окопот се наполни со вода. Кога ја принесуваа вечерната жртва, пророкот Илија се приближи, и рече: „Господи, Боже Авраамов, Исаков и Израелов! Чуј ме, Господи, чуј ме денес во огнот! Нека познаат денес овие луѓе дека си Ти единствен Бог во Израел, и дека јас сум Твој слуга и дека извршив сѐ според Твоето слово. Чуј ме, Господи, чуј! Нека познае овој народ дека Ти, Господи, си Бог и Ти ќе го свртиш срцето нивно.“ И оган Господов падна и ја изеде сепаленицата, и дрвата, и камењата и земјата, и ја голтна водата што беше во окопот. Кога го виде тоа, сиот народ падна ничкум и рече: „Господ е Бог, Господ е Бог!“