Откако измина многу време, пак му рече Господ на Илија во третата година: „Оди и јави му се на Ахав, и јас ќе дадам дожд на земјата.“ Илија отиде да му се јави на Ахав. А во Самарија настапи голем глад. И Ахав го повика Авдија; управникот на дворецот. Авдија, пак, беше човек кој длабоко Го почитуваше Господа. Кога Језавела ги истребуваше пророците Господови, Авдија зеде сто пророци и ги криеше во пештери, по педесет луѓе, и ги хранеше со леб и вода. И Ахав му рече на Авдија: „Тргни по земјата, по сите водни извори и по сите потоци во земјата, можеби некаде ќе најдеме трева за да си ги прехраниме коњите и маските и да не се лишиме од добитокот.“ И тие ја разделија меѓу себе земјата за да ја обиколат: Ахав тргна по еден пат, а Авдија по друг пат. Кога Авдија врвеше по патот, ете, во пресрет му доаѓа Илија. Тој го позна, падна ничкум и рече: „Ти ли си, господаре мој Илија?“ Овој му одговори: „Јас сум; оди и кажи му на господарот свој: ‚Илија е тука.‘“ Тој рече: „Што сум виновен, па го предаваш својот слуга во рацете на Ахав за да ме убие?“ „Жив Господ, твојот Бог! Нема ниеден народ и царство, каде што не испраќал господарот мој да те бара; и кога му кажуваа дека те нема, тој земаше клетва од тоа царство и народ дека не можеле да те најдат; а ти сега велиш, оди и кажи му на господарот: Илија е тука. Кога јас ќе си отидам од тебе, Духот Господов ќе те однесе, не знам каде; и ако отидам да му јавам на Ахав, и тој не те најде, ќе ме убие; а слугата твој е богобојазлив од младини. Зарем не му е кажано на мојот господар што сторив јас, кога Језавела ги убиваше Господовите пророци, како криев сто Господови пророци, по педесет души во пештера, и ги хранев со леб и вода? А ти сега велиш: оди и кажи му на твојот господар: Илија е тука; тој ќе ме убие.“ Тогаш Илија му рече: „Ти се колнам во живиот Господ Саваот, пред Кого стојам, денес ќе му се јавам!“
Авдија отиде да го пресретне Ахав и му јави, и Ахав отиде да го пресретне Илија. Штом Ахав го виде Илија, му рече: „Ти ли си оној што му носи неволји на Израел?“ Илија му одговори: „Јас не му донесувам неволји на Израел, туку ти и татковиот дом твој, бидејќи ги презревте Господовите заповеди и врвите по Вааловците; сега испрати и собери го пред мене сиот Израел на гората Кармил, и четиристотините и педесет Ваалови пророци и четирите стотини пророци на божицата Ашера што се хранат од трпезата на Језавела.“