Гледајте колку голема љубов ни дал Отецот – да бидеме наречени чеда Божји, а тоа и сме! Затоа светот не нѐ знае, зашто не Го спозна Него. Возљубени, сега сме чеда Божји! Но уште не се покажа што ќе бидеме. Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, зашто ќе Го видиме каков што е. И секој што ја има таа надеж во Него, се очистува самиот себе, како што е чист Тој. Секој што прави грев, прави и беззаконие; и гревот е беззаконие. А знаете дека Тој се јави за да ги земе нашите гревови; а грев во Него нема. Секој, кој пребива во Него, не греши; секој што греши, не Го видел, ниту Го познал. Чеда, никој да не ве заблудува! Кој постапува праведно, праведен е, како што е праведен Тој. Кој прави грев, од ѓаволот е, зашто ѓаволот греши од почетокот. Па затоа и се јави Синот Божји, за да ги урне делата ѓаволски. Секој што е роден од Бога, грев не прави, зашто семето Негово пребива во него; и не може да греши, бидејќи е роден од Бога. Чедата Божји и чедата ѓаволски по тоа и се познаваат. Секој што не постапува праведно, и секој што не го љуби братот свој, не е од Бога.
Зашто тоа е пораката што ја чувте од почетокот – да се сакаме еден со друг. Но не како Каин, кој беше од лукавиот и го уби брата си. А зошто го уби? Затоа што неговите дела беа лоши, а на неговиот брат – праведни. Не чудете се, браќа мои, ако светот ве мрази. Ние знаеме дека преминавме од смрт во живот, бидејќи ги љубиме браќата свои; оној што не го љуби братот свој, тој останува во смртта. Секој што го мрази братот свој, е човекоубиец; и познато ви е дека ниеден човекоубиец нема живот вечен, што ќе остане во него. Љубовта ја познаваме по тоа што Тој ја положи за нас душата Своја; но и ние сме должни да ги полагаме душите свои за браќата. Ако некој има световни блага, па кога ќе го види својот брат во немаштија, та го затвори срцето свое од него – како тогаш ќе може да остане во таков Божјата љубов? Чеда мои, да не се сакаме со зборови или со јазик, туку со дела и вистина!
И по тоа ќе знаеме дека сме од вистината, и пред Него ќе го увериме своето срце; бидејќи, ако срцето наше нѐ осуди, Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ. Возљубени, кога нашето срце не нѐ осудува, тогаш ние имаме слобода пред Бога, и, што и да побараме, добиваме од Него, бидејќи ги чуваме Неговите заповеди и правиме што е благоугодно пред Него. А заповедта Негова е таа, да веруваме во името на Неговиот Син Исус Христос и да се љубиме еден со друг, како што ни заповедал. И оној, што ги чува заповедите Негови, пребива во Него, и Тој – во него. А дека Тој пребива во нас, знаеме по Духот што ни Го дал.