Чеда мои, ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме Застапник, Исус Христос, Праведникот; а Тој е жртва за измирување за нашите гревови, и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет. По тоа знаеме дека сме Го познале, кога ги чуваме Неговите заповеди. Кој вели: „Го познав“, а заповедите Негови не ги чува, тој е лажливец и во него нема вистина; а кој го пази словото Негово, во него Божјата љубов навистина е совршена: по тоа знаеме дека сме во Него. Кој вели дека во Него пребива, должен е да постапува така, како што постапи и Тој.
Возљубени, не ви пишувам нова заповед, туку старата заповед, што ја имавте од почетокот. Старата заповед е словото, што го чувте од почетокот. А сепак, нова заповед ви пишувам – нешто што е вистина и во Него и во вас; зашто темнината одминува, а вистинската светлина веќе свети. Кој вели дека е во светлина, а го мрази братот свој, тој е сѐ уште во темнина. Кој го сака својот брат, тој е во светлина и во него нема соблазна. А кој го мрази братот свој, тој се наоѓа во темнина, и во темнина оди, и не знае ни каде оди, бидејќи темнината му ги ослепила очите негови.