Ние сепак ја проповедаме мудроста меѓу совршените, но не мудроста од овој свет, ниту, пак, онаа на владетелите на овој свет, кои се минливи, туку ја проповедаме Божјата мудрост, сокриена во таинство, која Бог ја предодредил уште пред вековите за наша слава, која никој од владетелите на овој свет не ја спознал; зашто, ако ја беа спознале, тогаш немаше да Го распнат Господ на славата. Но, како што е напишано: „Она што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат.“ А нам, пак, ни го откри тоа Бог преку Својот Дух, зашто Духот продира во сѐ, па дури и во длабочините Божји. Бидејќи, кој човек знае што има во човекот, освен човечкиот дух кој живее во него? Па така и Божјото не го знае никој, освен Божјиот Дух. Но ние не го примивме духот од овој свет, туку Духот Кој доаѓа од Бога, за да го знаеме она што ни е дарувано од Бога; па тоа и го проповедаме не со зборови научени од човечка мудрост, туку научени од Светиот Дух: толкувајќи го она што е духовно со духовни поими. Телесниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух: за него тоа е безумство; и не може да го разбере, зашто тоа треба со помошта на Духот да се испита. Духовниот, пак, човек испитува сѐ, а него никој не може да го испитува.