Постојат разни дарби, но Духот е еден и ист; има разни служби, но Господ е еден и ист; и разни дејства постојат, но Бог е еден и ист, Кој извршува сѐ во сите. А на секого му се дава во него да се пројави Духот за полза; зашто, на еден му се дава преку Духот да зборува со мудрост, на друг – да зборува знаење, преку истиот Дух; на еден – вера, преку истиот Дух; на друг – дарби за лекување, преку истиот Дух; на друг – чудотворства, на друг – да пророкува, на друг – да ги разликува духовите, на друг – разни јазици, на друг – да толкува јазици. Сето ова го прави еден и ист Дух, распределувајќи секому поодделно, како што сака.
И како што е телото едно, а има многу делови, и сите делови од тоа тело, па колку и да се тие, едно тело се, – така и Христос. Зашто преку еден Дух сме крстени сите во едно тело – било Јудејци или Елини, било робови или слободни; и сите сме со еден Дух напоени. Зашто и телото не се состои само од еден дел, туку од многу. Ако ногата рече: бидејќи не сум рака, не сум дел од телото, зар само заради тоа таа не припаѓа на телото? И ако увото рече: бидејќи не сум око, не сум дел од телото, зар поради тоа увото не припаѓа на телото? Ако целото тело би било око, тогаш каде ќе е слухот? Кога целото би било слух, тогаш каде е мирисот? Но Бог ги наредил деловите, секој од нив во телото така, како што посакал. Ако сите тие би биле само еден дел, тогаш каде е телото? А сега се, пак, многу делови, но сепак едно тело. И не може окото да ѝ рече на раката: „Не си ми потребна“, ниту, пак, главата на нозете: „Не сте ми потребни.“ Напротив, оние делови од телото, кои ни изгледаат послаби, се многу попотребни; и на оние делови на телото, за кои сметаме дека се помалку чесни, им оддаваме повеќе почит; и нашите срамни делови добиваат поголема пристојност. Пристојните, пак, делови немаат потреба од чест. Но Бог го составил телото така, што им дал изобилна почит, на органите што ја немаат. За да нема раздори во телото, но деловите подеднакво да се грижат едни за други. А кога страда еден дел, тогаш страдаат сите делови; и кога се слави еден од деловите, тогаш со него се радуваат сите делови. Вие сте телото Христово, а поодделно – членови.