Зашто и телото не се состои само од еден дел, туку од многу. Ако ногата рече: бидејќи не сум рака, не сум дел од телото, зар само заради тоа таа не припаѓа на телото? И ако увото рече: бидејќи не сум око, не сум дел од телото, зар поради тоа увото не припаѓа на телото? Ако целото тело би било око, тогаш каде ќе е слухот? Кога целото би било слух, тогаш каде е мирисот? Но Бог ги наредил деловите, секој од нив во телото така, како што посакал. Ако сите тие би биле само еден дел, тогаш каде е телото? А сега се, пак, многу делови, но сепак едно тело. И не може окото да ѝ рече на раката: „Не си ми потребна“, ниту, пак, главата на нозете: „Не сте ми потребни.“ Напротив, оние делови од телото, кои ни изгледаат послаби, се многу попотребни; и на оние делови на телото, за кои сметаме дека се помалку чесни, им оддаваме повеќе почит; и нашите срамни делови добиваат поголема пристојност. Пристојните, пак, делови немаат потреба од чест. Но Бог го составил телото така, што им дал изобилна почит, на органите што ја немаат. За да нема раздори во телото, но деловите подеднакво да се грижат едни за други. А кога страда еден дел, тогаш страдаат сите делови; и кога се слави еден од деловите, тогаш со него се радуваат сите делови. Вие сте телото Христово, а поодделно – членови.