Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Коринтјаните 12:1-26

1 Коринтјаните 12:1-26 MK2006

А за духовните дарови, не сакам, браќа, да не знаете. Знаете дека, кога бевте незнабошци, се влечевте кај немите идоли, како да ве водеа. Затоа ви давам на знаење дека никој, кој зборува преку Божјиот Дух, не вели: „Проклет да е Исус!“, и никој не може да каже: „Исус е Господ!“, освен преку Светиот Дух. Постојат разни дарби, но Духот е еден и ист; има разни служби, но Господ е еден и ист; и разни дејства постојат, но Бог е еден и ист, Кој извршува сѐ во сите. А на секого му се дава во него да се пројави Духот за полза; зашто, на еден му се дава преку Ду­хот да зборува со мудрост, на друг – да зборува знаење, преку истиот Дух; на еден – вера, преку истиот Дух; на друг – дарби за лекување, преку истиот Дух; на друг – чудотворства, на друг – да пророкува, на друг – да ги разликува ду­ховите, на друг – разни јазици, на друг – да толкува јазици. Сето ова го прави еден и ист Дух, распределувајќи секому поодделно, како што сака. И како што е телото едно, а има многу делови, и сите делови од тоа те­ло, па колку и да се тие, едно тело се, – така и Христос. Зашто преку еден Дух сме крстени сите во едно тело – било Јудејци или Елини, било робови или слободни; и си­те сме со еден Дух напоени. Зашто и телото не се состои само од еден дел, туку од многу. Ако ногата рече: бидејќи не сум ра­ка, не сум дел од телото, зар само заради тоа таа не припаѓа на телото? И ако увото рече: бидејќи не сум око, не сум дел од телото, зар поради тоа увото не припаѓа на телото? Ако целото тело би било око, тогаш каде ќе е слухот? Кога целото би било слух, тогаш каде е мирисот? Но Бог ги наредил деловите, секој од нив во телото така, како што по­са­кал. Ако сите тие би биле само еден дел, тогаш каде е телото? А сега се, пак, многу делови, но се­пак едно тело. И не може окото да ѝ рече на раката: „Не си ми потребна“, ниту, пак, гла­вата на нозете: „Не сте ми потребни.“ Напротив, оние делови од телото, кои ни изгледаат послаби, се многу попотребни; и на оние делови на телото, за кои сметаме дека се помалку чесни, им од­даваме повеќе почит; и нашите срамни делови добиваат поголема пристојност. Пристојните, пак, делови немаат потреба од чест. Но Бог го составил те­лото така, што им дал изобилна почит, на органите што ја немаат. За да нема раздори во телото, но де­ловите подеднакво да се грижат едни за други. А кога страда еден дел, тогаш стра­даат сите делови; и кога се слави еден од деловите, тогаш со него се радуваат сите делови.