Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Летописи 29:10-22

1 Летописи 29:10-22 MK2006

Тогаш го благослови Давид Господа пред целото собрание и рече: „Бла­гословен си, Господи Боже Израелов, отсекогаш и засекогаш! Твое е, Господи, и величието, и си­лата, и славата, и победата, и блесокот; и сѐ, што е на небото и на земјата, Твое е; Твое е, Господи, царството, Ти стоиш над сѐ одозгора како Владетел. Од Тебе се и богатството и славата; Ти владееш над сѐ, во Твојата рака е и силата и цврстината, и во Твоја власт е да издигнеш и да зацврстиш сѐ. И сега, Боже наш, Те славиме и го фалиме Твоето величествено име. Зашто, кој сум јас, и кој е мојот народ, та можеме да жртвуваме толку? Но од Тебе е сѐ, и добиеното од Твојата рака Ти го дадовме; зашто ние сме туѓинци пред Тебе и придојдени, како и сите наши татковци; нашите дни се како сенка на земјата, и нема надеж. Господи, Боже наш! Сето ова богатство, што го приготвивме, за да Ти изградиме дом Тебе, на Твоето свето име, е од Твоја рака, и сѐ е Твое. Знам, Боже мој дека Ти го испи­туваш срцето и ја сакаш искреноста; јас со чисто срце го жртвував сето ова, и сега гледам дека и Твојот на­род, кој е собран тука, со радост жрт­вува за Тебе. Господи, Боже на Авраам, Исак и Израел, нашите предци, запази го тоа засекогаш, тоа расположение на срдеч­ните мисли во Твојот народ, и насочи го неговото срце кон Тебе. А на синот мој Соломон дај му чесно срце, за да ги запазува Твоите заповеди, Твоите одредби и Твоите по­велби, да го извршува сето тоа и да ја изгради зградата на Твојот дом, за која сум приготвил сѐ.“ А на целото собрание Давид му рече: „Благословете Го Господа, наши­от Бог!“ И целото собрание Го благо­слови Господа, Бог на предците свои, па коленичеа и Му се поклонија на Господ и на царот. На другиот ден Му принесоа жртва на Господ; Му принесоа сепаленици на Господ: илјада телиња, илјада овни и илјада јагниња со преливите нивни, и многу жртви од сиот Израел. Па јадеа и пиеја пред Господ во тој ден со голема радост, и по вторпат го прогласија Соломон, синот Дави­дов, за цар и го помазаа пред Господ за врховен владетел, а Садок – за свештеник.