Тогаш царот Давид му кажа на целото собрание: „Синот мој, Соломон, кого Сам Бог го избра, е млад и нежен, а работата е голема, зашто таа зграда нема да биде за човек, туку за Господ Бог. Со сите сили приготвив за домот на мојот Бог злато за златните предмети, сребро за сребрените и бакар за бакарните, железо за железните и дрво за дрвените, ониксов камен и камења за украсување, камења убави и шарени, секакви скапи камења и многу мермер; и уште, од љубов кон домот на мојот Бог, што имам сопствено злато и сребро, и него го давам за домот на мојот Бог, покрај сето она, што сум го приготвил за светиот дом: три илјади кикари злато, офирско злато, и седум илјади кикари чисто сребро за обложување на ѕидовите на зградите, за сите златни предмети, за сите сребрени и за сите изработки од уметнички раце. Нема ли уште некој доброволно да даде прилог денес за Господ?“ Тогаш родоначалниците и началниците на израелските племиња, илјадниците и стотниците и надзорниците на царските работи почнаа да донесуваат доброволни прилози. И дадоа за уредување на Божјиот дом пет илјади кикари и десет илјади даријки злато, десет илјади кикари сребро, осумнаесет илјади кикари бакар и сто илјади кикари железо. И оние, што имаа скапоцени камења, ги даваа и нив во ризницата на домот Господов, во рацете на Гирсонецот Јехиил. И народот се радуваше на нивната сесрдност, зашто тие од сѐ срце жртвуваа за Господ, па и Давид многу се радуваше.
Тогаш го благослови Давид Господа пред целото собрание и рече: „Благословен си, Господи Боже Израелов, отсекогаш и засекогаш! Твое е, Господи, и величието, и силата, и славата, и победата, и блесокот; и сѐ, што е на небото и на земјата, Твое е; Твое е, Господи, царството, Ти стоиш над сѐ одозгора како Владетел. Од Тебе се и богатството и славата; Ти владееш над сѐ, во Твојата рака е и силата и цврстината, и во Твоја власт е да издигнеш и да зацврстиш сѐ. И сега, Боже наш, Те славиме и го фалиме Твоето величествено име. Зашто, кој сум јас, и кој е мојот народ, та можеме да жртвуваме толку? Но од Тебе е сѐ, и добиеното од Твојата рака Ти го дадовме; зашто ние сме туѓинци пред Тебе и придојдени, како и сите наши татковци; нашите дни се како сенка на земјата, и нема надеж. Господи, Боже наш! Сето ова богатство, што го приготвивме, за да Ти изградиме дом Тебе, на Твоето свето име, е од Твоја рака, и сѐ е Твое. Знам, Боже мој дека Ти го испитуваш срцето и ја сакаш искреноста; јас со чисто срце го жртвував сето ова, и сега гледам дека и Твојот народ, кој е собран тука, со радост жртвува за Тебе. Господи, Боже на Авраам, Исак и Израел, нашите предци, запази го тоа засекогаш, тоа расположение на срдечните мисли во Твојот народ, и насочи го неговото срце кон Тебе. А на синот мој Соломон дај му чесно срце, за да ги запазува Твоите заповеди, Твоите одредби и Твоите повелби, да го извршува сето тоа и да ја изгради зградата на Твојот дом, за која сум приготвил сѐ.“ А на целото собрание Давид му рече: „Благословете Го Господа, нашиот Бог!“ И целото собрание Го благослови Господа, Бог на предците свои, па коленичеа и Му се поклонија на Господ и на царот.