YouVersion Logo
Search Icon

Римјаните 5

5
1Сега, кога стекнавме праведност преку вера, живееме во мир со Бог по заслуга на нашиот Господ Исус Христос.
2Благонаклоноста на Бог спрема нас, која сега ја уживаме, ја добивме преку вера во Исус Христос. Затоа се гордееме и со нетрпение очекуваме и ние да ја споделуваме Божјата слава.
3Но тоа не е се. Ние ја гледаме светлата страна и кога поднесуваме неволи, свесни дека преку неволи се здобиваме со трпеливост,
4трпеливоста гради цврст карактер, а карактерот ни ја одржува надежта
5што никогаш нема да не разочара. Темел на нашата надеж ни е Божјата љубов што веќе е влеана во нашите срца, со посредство на Светиот Дух.
6Имено, уште додека бевме беспомошни, во вистинскиот момент Христос умре за нас, иако ние не го познававме Бога.
7Тешко би се нашол човек што би се понудил да умре дури и за некој праведен човек. За исклучително добар човек, можеби некој и би се решил да умре,
8но Бог ни покажа колку многу не сака кога Го испрати Христос да умре за нас уште додека бевме грешници.
9Сега, откако сме оправдани преку крвта на Христос што се пролеа за нас, можеме да бидеме уште посигурни дека заради Исус ќе бидеме поштедени од Божјиот гнев.
10Ако додека уште бевме непријатели, се смиривме со Бог преку смртта на Неговиот син, колку посигурни можеме да бидеме сега, кога сме смирени и кога Исус е жив, дека ќе бидеме поштедени од Божјиот гнев!
11Затоа имаме причина да се гордееме со Бог и со она што Тој го направи за нас со посредство на нашиот Господ Исус Христос, Кој не смири со Бог.
12Гревот навлезе во овој свет преку еден човек, односно преку Адам. Гревот ја донесе смртта, која ги зафати сите луѓе, бидејќи сите згрешија.
13Луѓето беа грешни и кога немаше Закон. Иако во отсуство на Закон ние не го признаваме гревот,
14сепак, сите што живееја од Адам до Мојсеј, кога беше даден Божјиот Закон, не ја одбегнаа смртта. Сите умреа, иако не направија грев каков што направи Адам: не прекршија јасно изречена Божја заповед.
15Но со подарокот не е исто како со престапот. Додека престапот на еден човек им донесе смрт на многумина, љубовта на еден друг човек, на Исус Христос, им носи изобилно простување на мнозина, како подарок кој произлегува од Божјата благонаклоност.
16Ни резултатот од Божјиот подарок не е ист со последиците од Адамовиот грев. Од гревот на тој еден човек произлезе осуда за сите, додека од Божјиот подарок добиваме оправдание, иако сме виновни за многубројни престапи.
17Ако смртта завладеа преку престапот на само еден човек, колку повеќе оние што ја примиле Божјата изобилна благонаклоност и подарената праведност ќе завладеат со животот во полна сила, повторно по заслуга на еден единствен човек, Исус Христос.
18Значи, како што еден престап доведе до осуда на сите луѓе, така преку едно праведно дело дојде до оправдување што им носи живот на сите луѓе.
19Како што преку непослушноста на еден човек многумина станаа грешници, така преку послушноста на еден човек многумина ќе станат праведници.
20Божјиот Закон беше даден за да видат луѓето колку нараснал гревот. Но иако гревот многу нарасна, Божјата милостива благонаклоност се покажа поголема.
21Како што гревот владееше над сите луѓе и ги водеше во смрт, така сега владее Божјата чудесна благонаклоност, која ни подари праведност преку нашиот Господ, Исус Христос, и затоа ние ќе добиеме вечен живот.

Currently Selected:

Римјаните 5: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in