YouVersion Logo
Search Icon

Лука 6:27-49

Лука 6:27-49 MK1990

Но вам, што слушате, ви велам: љубете ги непријателите свои; правете им добро на оние што ве мразат; благословувајте ги оние што ве навредуваат! На оној, што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот; а на оној, што сака да ти ја земе горната облека, подај му ја и кошулата. Секому, кој ти бара, подај; а од оној, што зема од тебе нешто, не сакај да ти врати! Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив! И ако ги сакате оние, што вас ве љубат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците ги милуваат оние, што ги сакаат нив. И ако им правите добро на оние, што вам ви прават добро, каква ви е наградата? Оти и грешниците го прават тоа. И ако им давате заем на оние, од кои се надевате дека ќе ви го вратат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците им даваат заем на грешници, за да им се врати истото. Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто и Он е добар кон неблагодарните и кон лошите. И така, бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец. Не судете и нема да бидете судени; и не осудувајте, за да не бидете осудени; проштавајте и ќе ви биде простено; давајте и ќе ви се даде: мерка добра, набиена, натресена и преполнета ќе ви дадат в раце; оти со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.« И им кажа парабола: »Може ли слепец слепец да води? Не ќе паднат ли обајцата во јама? Нема ученик поголем од својот учител; но секој, што ќе се усоврши, ќе биде како и учителот негов. И зошто ја гледаш раската во окото на брата си, а гредата во своето око не ја забележуваш? Или, како можеш да му кажеш на својот брат: позволи, брате, да ти ја извадам раската од окото твое, кога сам не ја гледаш гредата во своето око? Лицемере, извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си. Оти, нема добро дрво што дава лош плод, ниту лошо дрво, што дава добар плод. Секое, пак, дрво се познава според својот плод; бидејќи не се берат смокви од трње, ниту се бере грозје од капина. Добриот човек од доброто сокровиште на своето срце изнесува добро, а лошиот човек од лошото сокровиште на своето срце изнесува лошо; оти, од преполнето срце зборува устата негова. И зошто ми велите: ‚Господи, Господи!‘ а не го извршувате она што ви го кажувам? Секој што иде при Мене и ги слуша зборовите Мои, и ги исполнува, ќе ви кажам на кого прилега. Тој прилега на човек, кој прави куќа, па ископа и продлабочи, и постави темели на камен; а кога настана наводнение, реката напна на таа куќа и не можеше да ја помести, оти беше основана на камен. А оној што слуша и не исполнува, прилега на човек, што направил куќа на земја, без темели; и кога напна реката, веднаш ја урна, и паѓањето на таа куќа беше големо.«