YouVersion Logo
Search Icon

Јеремија 5

5
Различни гревови на јудејскиот народ.
1Поминете по ерусалимските улици, погледајте, испитајте и побарајте по плоштадите негови, нема ли да најдете човек, нема ли таков, кој пази правда, кој ја бара вистината? – па ќе му простам на Ерусалим.
2Макар и да велат: »жив Господ!« но тие лажно се колнат.
3О, Господи, Твоите очи не ли се свртени кон вистината? Ти ги поразуваш, а тие не чувствуваат болка; Ти ги истребуваш, а тие не сакаат да се вразумат; ги направиле лицата свои поцврсти од камен – не сакаат да се обратат.
4Па си реков: – тоа се, можеби, сиромаси; тие се глупави, зашто не го знаат патот Господов, законот на својот Бог.
5Ќе одам кај големците и ним ќе им зборувам, зашто тие го знаат патот Господов, законот на својот Бог. Но и тие сите го скршија јаремот, ги раскинаа веригите.
6Поради тоа лав од шумата ќе ги порази, пустински волк ќе ги истреби, леопард ќе ги демне крај градовите нивни: кој ќе излезе од нив ќе биде раскинат; зашто се намножија престапите нивни, се засилија отстапувањата нивни.
7Како да ти го простам тоа? Твоите синови Ме оставија и се колнат во оние, што не се богови. Јас ги наситував, а тие вршеа прељуба и во групи одеа во куќите на блудниците.
8Тоа се како угоени коњи: секој од нив 'ржи по жената на ближниот свој.
9Зар да не казнам поради тоа – вели Господ; а душата Моја нема ли да одмазди на таков народ, како овој?
10Качувајте се на ѕидиштата негови и урнувајте ги, но не до крај; уништете ги нивните диреци, зашто тие не се Господови;
11оти домот Израилев и домот Јудин постапија спрема Мене многу вероломно, вели Господ;
12тие излагаа против Господа и рекоа: »не, зло нема да нѐ снајде, и ние нема да видиме ни меч, ни глад.«
13И пророците се ветар, и слово Господово нема во нив, врз нив самите нека се збидне тоа.
14Поради тоа вака вели Господ, Бог Саваот: »затоа што говорите такви зборови, ете, Јас ќе ги направам Моите зборови во устата твоја оган, а овој народ – дрва, и овој оган ќе ги проголта.«
15Ете, ќе доведам против вас, доме Израилев, народ од далеку, вели Господ, народ силен, народ одамнешен, народ, чиј јазик не го знаеш, и нема да разбираш, што ќе ти зборува.
16Торбата за стрели му е како отворен гроб; сите тие се храбри луѓе.
17И ќе ја изедат жетвата твоја и лебот твој, ќе ги изедат синовите твои и ќерките твои, ќе ги изедат овците твои и воловите твои, ќе го изедат лозјето твое и смоквите твои; ќе ги разрушат со меч утврдените градови твои, на кои ти се надеваш.
18Но и во тие дни, вели Господ, нема да ве истребам сосема.
19И ако речете: »зошто нашиот Господ Бог ни го прави сево ова?« Он ќе им одговори: »бидејќи Ме оставивте и им служите на туѓи богови во своја земја, затоа ќе служите на туѓинци не во вашата земја.«
20Објавете го тоа во домот Јаковов, разгласете во Јудеја, велејќи:
21чуј го ова, народе безумен и неразумен, кој имаш очи, а не гледаш, имаш уши, а не слушаш:
22»од Мене ли не се плашите«, вели Господ, пред Мене ли не треперите? Јас ставив песок како граница на морето, за вечен предел, кој нема да премине; и макар што брановите негови ќе надојдат, но не ќе можат да се прелијат; макар што се упорни, но не ќе можат да го префрлат.
23А овој народ има упорно и непокорно срце; тие отстапија и тргнаа.
24И не рекоа во срцето свое: да се уплашиме од нашиот Господ Бог, Кој ни дава навреме дожд, ран и доцен, ги пази за нас седмиците, одредени за жетва.
25Вашите беззаконија го отфрлија тоа, и вашите гревови го отстранија од вас тоа добро.
26Зашто меѓу Мојот народ има безбожници: пазат како сокриени ловци на птици, се влечат по земјата, ставајќи стапици за да ловат луѓе.
27Како кафез, со птици, домовите нивни се полни со измама: а преку тоа тие се издигнаа и се збогатија;
28се здебелија, злото надмина секоја мерка, не разгледуваат судски дела, дела на сираци; и добро им е, иако не ги пресудуваат праведните дела на сиромасите.
29Зар нема да казнам заради тоа – вели Господ; и нема ли да се одмазди душата Моја на таков народ, како овој?
30Нешто исклучително и ужасно, станува во таа земја:
31пророците пророкуваат лага, свештениците господарат преку нив – и Мојот народ го сака тоа. Што всушност ќе правите по сето тоа?

Currently Selected:

Јеремија 5: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in